Дуелите со Хрватска и со Чешка ќе се искористат и како подготовка пред настапите во Лигата на нациите
ФУДБАЛ – МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ПРОДОЛЖУВА СО ПОДГОТОВКИТЕ
Македонската сениорска фудбалска репрезентација продолжува со подготовките на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје за претстојните контролни натпревари против Хрватска на 3 јуни во Риека и против Чешка на 10 јуни во Храдец Кралове. Репрезентацијата, предводена од селекторот Благоја Милевски, се очекуваше вчера, со приклучувањето на Милан Ристовски, Ѓоко Зајков, Столе Димитриевски, Александар Трајковски и Јани Атанасов, да биде речиси во комплетен состав. Бојан Димоски со својот клуб Акрон Тољати в сабота игра плејоф-натпревар за влез во Првата руска лига и потоа ќе им се приклучи на репрезентативците на собирот во Хрватска.
Македонскиот репрезентативен голман Дејан Илиев смета дека Хрватска е многу квалитетна селекција, но верува во позитивен исход на овој меч.
– Се работи за сосема други репрезентации во однос на последните со кои игравме. Хрватска е многу квалитетна селекција. Тие се подготвуваат за настап на Европското првенство, но наша обврска е да го дадеме најдоброто и да веруваме во позитивен резултат. Треба да бидеме претпазливи, грешки на вакви натпревари можат многу да нѐ чинат – изјави Илиев на веб-страницата на ФФМ.
Претстојните два пријателски дуела, наедно ќе се искористат и како подготовка на репрезентацијата пред настапите во Лигата на нациите (ЛН), кои ќе започнат во септември годинава. Г.И.