Фото: „Нова Македонија“

Шпанското Ел класико е закажано за 3 август, во Њу Џерси, кое ќе биде четврта меѓусебна пријателска средба на двата тима во САД. За летово досега се најавени и средбите Ливерпул – Манчестер јунајтед, Челси – Реал Мадрид, Барселона – Милан, Манчестер сити – Милан, Арсенал – Манчестер јунајтед, Манчестер сити – Барселона, Арсенал – Ливерпул, Реал Мадрид – Милан, Борусија Дортмунд – Астон вила…

ФУДБАЛ

Наскоро завршува сезоната во домашните првенства низ Европа, а потоа почнува и Европското првенство, но многу клубови од Стариот Континент веќе закажаа пријателски средби во пресрет на идната сезона, па, така, како и лани, предвидени се многу меѓусебни дуели на големи европски клубови, многу од нив победници во Лигата на шампионите. Меѓу тие средби е и, на пример, таа помеѓу Реал Мадрид и Барселона, закажана за 3 август, во Њу Џерси, која ќе биде четврта меѓусебна пријателска средба на двата тима во САД.
Почетокот на август е резервиран за серија големи дуели, па, така, покрај шпанското Ел класико, на истиот датум ќе се игра и мечот помеѓу финалистите во Лигата на шампионите од 2021 година, Челси и Манчестер сити, во Охајо. Следниот ден е средбата Ливерпул – Манчестер јунајтед во Јужна Каролина, а на 6 август се и натпреварите Челси – Реал Мадрид во Шарлот, Барселона – Милан во Балтимор и Борусија Дортмунд – Вилјареал.
Тест-средбите на клубовите почнуваат во јули, а на програмата, според информациите, се на пример мечевите Розенборг – Манчестер јунајтед во Трондхајм (15 јули), Глазгов ренџерс – Манчестер јунајтед во Единбург (20 јули), Манчестер сити – Селтик во Северна Каролина (23 јули), Борусија Дортмунд – Серезео Осака во Осака (24 јули), Челси – Селтик во Индијана, Манчестер сити – Милан во Њујорк, Ливерпул – Бетис во Питсбург (сите на 27 јули), Арсенал – Манчестер јунајтед во Лос Анџелес (28 јули), Манчестер сити – Барселона во Флорида (30 јули), Арсенал – Ливерпул во Филаделфија, Манчестер јунајтед – Бетис во Сан Диего, Реал Мадрид – Милан во Чикаго и Лајпциг – Астон вила во Њу Џерси (сите на 31 јули). Во август се и, на пример, дуелите Тотенхем – Баерн во Лондон и Борусија Дортмунд – Астон вила во Дортмунд (двете на 10 август). Н.М.