Германско списание спроведе серија видеопортрети меѓу фудбалерите по повод ЕП, во кои интервјуираните ги открија десетте „важни работи“ од нивниот живот. Англискиот репрезентативец го именува шахот на третото место, по неговото семејство и голфот. „Играм неколку години, почнав да учам и оценет сум со 1.200 на ’Чес.ком’. Мислам дека е во ред, тоа е доста пристојно. Го користам шахот само за да се исклучам, знаете, тоа е толку ментална игра. Мора да се фокусирате на секој момент, на секој потег“, вели Кејн, чиј интерес за шахот бил поттикнат од серијата „Дамин гамбит“
ФУДБАЛ
Во Хари Кејн (30) германскиот фудбалски бундеслигаш Баерн најде достоен наследник и еднакво успешен центарфор за Роберт Левандовски, кој замина во Шпанија. Откако се пресели во Минхен во 2023 година, ангажманот на англискиот напаѓач се покажа како вистински потег. По 10 меча во Бундеслигата, тој веќе постигна 15 гола и го израмни рекордот на Герд Милер од сезоната 1968/1969, тој потоа ја заврши првата полусезона со 22 гола, израмнувајќи го рекордот на Левандовски од сезоната 2020/2021, а до крајот на сезоната постигна 42 гола на 42 меча, пишува специјализираната шаховска интернет-страница „Чесбејс“.
Кејн сега настапува со репрезентацијата на Англија на Европското првенство (ЕП) во Германија. Германското списание GQ спроведе серија видеопортрети меѓу фудбалерите по повод ЕП, во кои интервјуираните ги открија десетте „важни работи“ од нивниот живот. Кејн го именуваше шахот на третото место, по неговото семејство и голфот. Кејн вели дека серијата на „Нетфликс“, „Дамин гамбит“, го поттикнала неговиот интерес за шахот. Оттогаш тој постигна рејтинг од 1.200 поени во игра на десет минути на интернет-страницата „Чес“. За возрасен човек што се занимавал со шах само во доцните дваесетти години, тоа е доста добро.
– Играм неколку години. Почнав да учам и оценет сум со 1.200 на 10-минутната верзија на „Чес.ком“. Мислам дека е во ред, тоа е доста пристојно. Го користам шахот само за да се исклучам, знаете, тоа е толку ментална игра. Мора да се фокусирате на секој момент, на секој потег – вели Кејн.
Кејн игра со семејството, но исто така изјави дека шахот е многу популарен кај фудбалерите на Баерн. Тој често игра со Јошуа Кимих, а меѓу професионалните фудбалери во Баерн Кингсли Коман важел за најдобар шахист, речиси непобедлив, но сепак Кејн уште не се осмелил да игра против него, пишува „Чесбејс“.
Мохамед Салах од Ливерпул лани откри дека е оценет со околу 1.400 рејтинг-поени, Кристијан Пулишиќ од Милан се појави на Шаховска турнеја на шампионите во 2022 година и се сретна со Магнус Карлсен на промотивен настан, разговарајќи за сличностите помеѓу двата спорта, а Трент Александер-Арнолд од Ливерпул загуби од Карлсен во 17 потези пред шаховското Светско првенство во Лондон во 2018 година, пишува „Чес“. Г.И.