Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија, која годинава седми пат настапи на европските првенства, покрај Фарските Острови е најмладата селекција на ЕП 2024

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА ЖЕНИ

Македонската сениорска репрезентација на досега најголемото Европско првенство (ЕП) за ракометарки во историјата, со учество на 24 репрезентации, го заврши својот настап на третата позиција во групата А со еден бод, откако во третото коло загуби во Дебрецин од фаворизираниот домаќин Унгарија со 19-29 (10-11), пред 3.409 гледачи. Македонките на ова ЕП загубија и од Шведска, а ремизираа со дебитантот Турција и благодарение на подобрата вкупна гол-разлика на табелата се пред Турција, што е мошне значајно, оти во квалификациите за Светското првенство (СП) в година може да имаат полесен противник.
– Бевме многу добри во првото полувреме, но во второто имавме лоши моменти, без доволна концентрација, промашивме многу чисти прилики, а сето тоа се одрази на конечниот резултат. Игравме добро на ова ЕП. Ние сме млада репрезентација пред која има светла иднина – изјави селекторот Кристијан Грчевски, пренесе Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Македонија, покрај Фарските Острови, е најмладата селекција на ова ЕП со просечна возраст од 23,1 година (четири тинејџерки во составот).

– Ова беше големо натпреварување, горда сум на себе и на сите девојки, оти одигравме како тим и се боревме. Многу сме млади и сето ова е големо искуство за нашата репрезентација. Мислам дека ни претстои голема иднина и дека ќе бидеме одлични во следните неколку години – рече репрезентативката Катерина Дамјаноска, пренесе ЕХФ.
Македонија годинава седми пат настапи на европските првенства, а пред две години беше 16-та, последна. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи одат во втората групна фаза. Титулата ја брани репрезентацијата на Норвешка. Засега во втората фаза на ЕП 2024 што се игра во Австрија (Инсбрук и Виена), Унгарија (Дебрецин) и во Швајцарија (Базел) се пласираа репрезентациите на Унгарија, Шведска (група А), Франција, Полска (група Ц), Данска (група Д), Норвешка, Словенија (група Е), Холандија (група Ф). Вчера се играа решавачките мечеви за пласман во три групи, во групата Б, двојките беа Србија – Романија и Чешка – Црна Гора, во групата Д, Фарски Острови – Данска и Хрватска – Швајцарија и во групата Ф, Украина – Холандија и Исланд – Германија. Г.И.


ГРУПА А

Македонија – Унгарија 19-29
Турција – Шведска 19-47
ТАБЕЛА
Унгарија 3 3 0 0 91-68 6
Шведска 3 2 0 1 100-69 4
Македонија 3 0 1 2 62-82 1
Турција 3 0 1 2 68-102 1

ГРУПА Ц
Полска – Шпанија 26-23
Португалија – Франција 16-28
ТАБЕЛА
Франција 3 3 0 0 87-60 6
Полска 3 2 0 1 70-79 4
Шпанија 3 1 0 2 75-74 2
Португалија 3 0 0 3 61-80 0

ГРУПА Е
Словенија – Австрија 25-24
Словачка – Норвешка 15-38
ТАБЕЛА
Норвешка 3 3 0 0 109-65 6
Словенија 3 2 0 1 88-81 4
Австрија 3 1 0 2 85-87 2
Словачка 3 0 0 3 63-112 0