Фото: Игор Бансколиев

„Скај спорт“ издвои неколку фудбалери со големо влијание веќе во првата сезона во новите клубови, како Лес Фердинанд, Квин, Коста, Сисе, Ширер, Кол, Салах, Видука, Лингард, во очекување на новата сезона во Премиер-лигата и, на пример, четирите гола на Нуњез за Ливерпул, погодокот на Холанд за победа во дебито за Манчестер сити во пријателски средби…

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Дарвин Нуњез постигна четири гола за Ливерпул на дуелот со Лајпциг, Ерлинг Холанд дебитира со погодок за победа на Манчестер сити на средбата со Баерн… „Скај спорт“ потсетува на некои од впечатливите почетоци на новите засилувања во ерата на Премиер-лигата (од 1992 година), во пресрет на почетокот на новата сезона во Англија, идната недела.

ЛЕС ФЕРДИНАНД, КВИН, КОСТА

– Лес Фердинанд беше еден од блескавите играчи за време на инаугуративната сезона во Премиер-лигата во сезоната 1992/93, постигнувајќи 20 гола за Квинс Парк Ренџерс и помагајќи му на својот тим да обезбеди пласман на петтото место. Тоа кулминира со преселба од шест милиони фунти во Њукасл пред почетокот на сезоната 1995/96 и ова го произведе, веројатно, најсилното влијание од ново засилување во историјата на дивизијата. Фердинанд постигна гол на своето деби во лигата против Ковентри, два во Болтон три дена подоцна и продолжи со 13 гола во неговите први 10 натпревари за неговиот нов клуб, вкупно 29 таа сезона.
– Мики Квин стана познат на Сент Џејмс Парк, но неговото префрлање во Ковентри во ноември 1992 година донесе еден од највпечатливите стартови во нов клуб досега, постигна 10 првенствени гола во неговите први шест настапи. Квин таа сезона постигна 17 гола за да им помогне на „небесносините“ да обезбедат опстанок.
– Диего Коста му се приклучи на Челси од Атлетико Мадрид за 32,5 милиони фунти во 2014 година и почна во сензационален стил, со погодок на дебито во Премиер-лигата во Барнли, повторно против Лестер, пред двата гола кај Евертон и хет-трик против Свонси. Коста продолжи да ги тресе мрежите, постигна 11 гола во неговите први 10 настапи и им помогна на „сините“ на патот кон првата титула по пауза од пет години, со вкупно 20 гола, и покрај тоа што имаше повреди и суспензии.

СИСЕ, ШИРЕР, КОЛ

– Папис Сисе потпиша за Њукасл во зимскиот преоден рок во 2012 година за да му се придружи на сонародникот Демба Ба и имаше импресивен почеток со два гола во четири натпревари. Но репрезентативецот на Сенегал постигна експлозивна серија со девет гола во следните шест натпревари и забележа уште една „двојка“ во победата со 2-0 над Челси за да му помогне на својот тим да го обезбеди петтото место.
– Алан Ширер останува најдобриот стрелец во историјата на Премиер-лигата со 260 гола, со 14-годишна кариера и, според тоа, е соодветно тој да направи и еден од најспектакуларните почетоци во нов клуб. Блекбурн го собори рекордот на трансфер во Англија ангажирајќи го Ширер од Саутемптон за 3,6 милиони фунти во 1992 година, по интересот од Манчестер јунајтед, а потоа тогаш 22-годишниот фудбалер имаше одлична форма во првиот викенд од ерата на Премиер-лигата. Ширер постигна два гола против Кристал палас на своето деби и потоа вкупно 10 гола во неговите први 10 настапи пред повредата на вкрстените лигаменти.
– Енди Кол излезе од академијата на Арсенал и се етаблира како одличен напаѓач во Бристол сити, пред да му се приклучи на Њукасл во февруари 1993 година, кога тој клуб водеше во Втората лига. Технички, ова би требало да го исклучи од оваа листа на најдобри стартови во Премиер-лигата, но влијанието во таа сезона, проследено со уште поразорен старт во врвната лига во следната сезона, обезбедува негово вклучување на листата, пишува „Скај спорт“. Кол прво постигна 12 гола во исто толку натпревари за Њукасл во сезоната 1992/93, пред да постигне рекордни 34 гола во Премиер-лигата во сезоната 1993/94, откако постигна 15 погодока во неговите први 15 настапи во Премиер-лигата.

САЛАХ, ВИДУКА, ЛИНГАРД

– Мохамед Салах постигна гол на своето деби во лигата за Ливерпул во Ватфорд и продолжи со 12 гола во неговите први 15 настапи. Неговата стапка на ефикасност само се подобруваше како што напредуваше сезоната. Египќанецот ја заврши сезоната со 32 првенствени гола од 36 настапи за да ја освои „златната копачка“ со најмногу голови од сезоната 1994/95, кога лигата се состоеше од 22 тима и, според тоа, имаше повеќе натпревари во една сезона.
– Марк Видука пристигна во Лидс во средината на 2000 година, откако по трансферот за шест милиони фунти од Селтик, формира ударна сила составена од Мајкл Бриџис, Хари Кивел, Алан Смит и Роби Кин. Поранешниот австралиски репрезентативец беше без голови во неговите воведни три првенствени натпревари, но продолжи потоа и постигна 10 гола во следните шест настапи.
– Џеси Лингард, новиот напаѓач на Нотингем форест имаше одличен почеток за време на неговиот престој на заем во Вест Хем во 2021 година. Лингард постигна девет гола во лигата од неговите први 10 настапи, плус четири асистенции во тој период.