Перула Костовски беше еден од најдобрите фудбалски арбитри во поранешна Југославија. Гугуловиќ како главен и Костовски и Чанак како помошници ја сочинуваа тројката што го водеше финалето на КЕШ (сега Лига на шампионите) помеѓу Ајакс и Јувентус во 1973 година. Костовски беше ценет не само од неговата фела туку речиси од сите љубители на фудбалот

Петар Костовски-Перула (1)

Македонската судиска организација во рамките на поранешната држава имаше неколкумина сојузни фудбалски судии, кои го имаа и амблемот на ФИФА и судеа значајни мечеви, не само во Југославија туку и на меѓународната сцена. Сепак, од сите нив најдалеку стигна Петар Костовски, познат како Перула, кој ја имаше честа заедно со Миливое Гугуловиќ (главен судија) и со Ратко Чанак (помошен судија) да ја дели правдата во едно финале на Купот на европските шампиони (КЕШ), сега Лига на шампионите на УЕФА. Тоа се случи во 1973 година, и тоа во финалната пресметка помеѓу европските фудбалски великани Ајакс и Јувентус, во Белград, на „Маракана“ (сега стадион „Рајко Митиќ“).
Тогаш, сите ние љубителите на фудбалот во Македонија бевме горди што, ете, наш човек, од нашата средина, особено од опкружувањето на традиционалната дебармаалска кафеана „Идадија“, истрча на теренот за да биде во „тројката“ што ќе го арбитрира најзначајниот натпревар во таа 1973 година. Тоа беше и големо признание за Перула, за кого ние знаевме дека е врвен судија, но не верувавме оти е толку почитуван, не само во југословенската туку и во европската судиска организација.
Инаку, покрај него, кој делеше правда на осум натпревари, имаше уште шест македонски судии што до распадот на поранешната држава беа арбитри на средбите од европските купови. Да се потсетиме и на нив: Трајан Ивановски (2), Борче Неделковски (7), Томе Манојловски (15, заедно со мечевите од Балканскиот куп), Трајче Маџовски (2), Гоце Попев (2), Стојан Илиевски (1).

Прилепскиот скопјанец на – големата сцена

Потеклото на Перула е од, не само за прилепчани туку и за целата јавност, најфудбалскиот град на поранешните југословенски простори Прилеп. Затоа, за многумина од оние што добро ги познаваа фудбалските околности, не беше чудно што во судиската тројка за финалниот натпревар на КЕШ помеѓу Ајакс и Јувентус, во 1973 година се најде и името на Перула Костовски.
Во тоа време, пак, кога се играше финалето, јас како новинар во „Нова Македонија“ бев во Белград да известувам од Европското првенство во бокс, на кое Југославија освои два златни медала, шампиони беа Мате Парлов и Марјан Бенеш. Во тие денови во главниот град на поранешната држава вриеше како во кошница. Боксот и фудбалот беа главна тема за дискусија, што беше и нормално, зашто во прашање беа два врвни, суперинтересни спортски настани, ЕП во бокс и финалето на КЕШ во фудбал. Зарем можеа спортските љубители да посакаат нешто повеќе. Во тој белградски вител, ние близу 100-те новинари што бевме акредитирани известувачи од ЕП во бокс, еден ден одделивме за големиот фудбалски спектакл. Јас, пак, со оглед на тоа што го познавав Перула од седенките во „Идадија“, која е на педесетина метри од мојата куќа, бев особено среќен, зашто, ете, покрај боксот ми се укажа шанса да одам и на едно големо европско фудбалско финале, на кое како помошен судија ќе се појави и нашиот другар, пријател, човек што имаше муабет со секого, Перула. Јас, пак, во прес-центарот во салата „Пионир“, сега „д-р Александар Николиќ“, бев цел на новинарите (особено странците) кога дознаа оти доаѓам од истиот град од кој доаѓа и еден од тројцата судии делегирани за фудбалското финале. Особено бев интересен за италијанските колеги, кои сакаа да дознаат нешто повеќе за Перула, за да ги збогатат своите извештаи со некои белградски пикантерии. Тие многу се интересира за судиите, зашто во прашање беше нивниот Јувентус и посакуваа судиската тројка да биде коректна и на ниво, а кој ќе биде подобар на теренот нека победи. Јас, пак, го одбрав она што претпоставив дека најмногу ќе ги интересира. Им кажав дека е роден во Прилеп, кој е најфудбалскиот град на нашите простори, дека сега живее во Скопје, град во кој секој му е пријател, дека има „своја“ кафеана, „Идадија“, во која поминува убави мигови со другарите и оти е вистински боем и човек со големо срце. Кога на два-тројца Италијанци им го раскажав ова, околу мене ги повикаа сите нивни колеги, за да им кажам уште нешто за Перула. Такви беа, а и денеска се исти колегите од Италија, кои за да ја расплетат својата приказна ги интересираат и најситните детали. По нивната крајна реакција сфатив дека се задоволни од презентираното и, што е битно, разбраа оти се работи за голем човек, не само поради својата физичка конституција, зашто навистина беше корпулентен, туку е голем по душа и, што беше особено интересно, сфатија дека се работи за еден вистински боем. А, таквите не грешат, тие се омилени и не сакаат никому да му наштетат, па затоа навивачите на Јувентус, барем од делењето на правдата, не треба да стравуваат.

Пред мечот разговор само на пресот

И за мене она што се случуваше пред финалето на КЕШ помеѓу Јувентус и Ајакс беше некако ново. На пример, не знаев дека два-три дена пред решавачката битка судиската тројка ќе биде во целосна изолација. Забранети беа телефонските разговори и комуникацијата дури и со најблиските, а за некои директни контакти со пријателите не стануваше ниту збор. Она што нѐ интересираше можевме да прашаме и да го слушнеме од судиската тројка само на прес-конференцијата, одржана еден ден пред финалето во просториите на тогашниот Фудбалски сојуз на Југославија. Дури и тогаш, иако бевме пријатели, немав можност да помуабетам со Перула. Само во од, онака во ходникот пред салата за конференции, ми рече: „Зоки, аман, одвај чекам да помине сето ова, нѐ држат во хотел како затвореници, изолирани од надворешниот свет“. Знаејќи го карактерот на Перула, кој сакаше еден комотен живот, можев да претпоставам како се чувствувал овие три-четири дена, во очекување на европското фудбалско финале, во кое Ајакс оствари победа со 1-0 и третпат едноподруго го освои Купот на европските шампиони.
Потоа, во пресот за боксерското првенство беше мирно и сите ги очекувавме настапите на своите боксери. За фудбалот, кој дојде и брзо помина, малку се зборуваше, а дека победил Ајакс се забележуваше и на озарените лица на новинарите од Холандија, кои бликаа од среќа. Мислев оти малку ќе се „чепнат“ со италијанските колеги, кои беа многу помногубројни, но до тоа не дојде. Атмосферата беше како на почетокот, мирна и подредена на случувањата на рингот.
Со Перула не успеав да се видам по средбата. Откако се вратив од Европското првенство, на кое патем да кажам фатив и заушки и морав да стојам подалеку од колегите, кога со друштвото седнавме во „Идадија“, Перула се пошегува со мене и ми рече: „Слушнав оти не само јас туку и ти во Белград неколку дена си бил во изолација оти си фатил заушки“. Сите се насмеаја, зашто ова беше кажано токму во негов стил.
За Перула може многу да се зборува. Тој беше човек што имаше многу фудбалски доживувања. Водеше како главен судија „тешки“ средби во Првата сојузна лига на поранешната држава и, што е интересно, сите беа задоволни, и победниците и поразените. Кај него ретко се случуваше да направи и некоја ненамерна грешка. Накусо кажано беше судија со сите нишани, кого сите го посакуваа. Затоа, за него со пиетет зборуваа и уште зборуваат во многуте интервјуа во весниците и спортските ТВ-канали и асовите од неговото време. Но за тој период кога со насмевка, а одвреме-навреме и со строг поглед ќе истрчаше на фудбалскиот терен, ќе читате идната недела.


Петар Костовски -Перула, фудбалски судија

Роден: во 1925 година во Прилеп
Почина: во 2004 година во Скопје
Кариера: Фудбалски судија со знакот на ФИФА, делител на правдата на многу прволигашки средби во поранешната држава, судија и на многу куп-натпревари и меѓународни средби
Достигнувања: Помошен судија заедно со Ратко Чанак на главниот судија Миливое Гугуловиќ, на финалната средба од КЕШ (сега Лига на шампионите) помеѓу Ајакс и Јувентус (1-0), одиграна во Белград на сегашниот стадион „Рајко Митиќ“ во 1973 година, судија уште на осум натпревари од европските купови и едно финале на Купот на Југославија, Црвена звезда – Слобода, 2-0, во 1971 година