Уметникот Атиенса Ландета, како и писателите Френк Лампард, Тео Волкот, Тери Венејблс, Стив Брус, Пепе Мел, Џими Гривс се некои од
славните фудбалери и тренери што запловиле и во уметнички води, создавајќи мурали, пишувајќи книги за деца, новели, телевизиски серии…

Автори на книги за деца, кокреатор на детективска серија, писатели на трилогија со мистерии за убиства, автори на новели, уметник што изработува светски познати мурали и витражи… Заедничко за сите нив е тоа што имаат успешни фудбалски и тренерски кариери, некои од нив се и европски клупски прваци.
Така, Шпанецот Ангел Атиенса Ландета (1931-2015) е трикратен европски фудбалски шампион со Реал Мадрид, од 1956 до 1958 година (играше 90 минути во првото финале, во победата со 4-3 со францускиот Ремс и во третото, во триумфот со 3-2 со италијанскиот Милан, а за втората титула играше во текот на сезоната, не и во финалето). Во 1954 година тој ја запре својата уметничка работа за да му се посвети на професионалниот спорт. Сепак, учествувал на различни групни изложби и останал блиску до уметничкиот свет како дополнителна активност. Во 1958 година, за време на патувањето низ Централна Европа, тој го открил стаклото во боја вградено во бетон како уметнички израз. Тогаш, под влијание на целата уметничка тенденција тој почнал да соработува со различни уметници, го напуштил професионалниот спорт и почнал со изработка на мозаични мурали и витраж, а од 1964 година почнал да создава керамички мурали, подоцна вградил и нови материјали во неговиот уметнички израз, создавајќи мурали од железо, бронза и од алуминиум. Неговите слики, витражи, мурали и скулптури се наоѓаат во различни шпански и венецуелски градови, како и во други земји низ светот.
Френк Лампард (44), фудбалска легенда на англискиот Челси, покрај тоа што остави трага на фудбалскиот терен (европска титула во 2012 година и триумф во Лига Европа во 2013 година со Челси, освои три англиски трофеи, четири ФА-купа…), тој се впушти и во писателските води. Меѓу многубројните таленти на Лампард е и талентот за пишување литература за деца. Покрај напишаната автобиографија, тој е автор на 18 детски книги од серијата „Магичниот фудбал на Френки“, во кои Френки и неговите пријатели имаат волшебна топка, која кога ќе се шутне на одреден начин отвора портал преку кој Френки и неговите пријатели Чарли и Луиз и неговото куче Макс се транспортирани во магичен свет исполнет со фантастични ликови, а единствениот начин на кој Френки и неговите пријатели можат да се вратат дома е да победат на фудбалски натпревар.

Меѓу стрелците и меѓу авторите се запиша и уште еден англиски фудбалер, Тео Волкот (34), некогашен репрезентативен колега на Лампард, сега член на Саутемптон (порано и на Арсенал и на Евертон). Тој напишал четири книги за деца во 2010 година, за Ти Џеј, фудбалер што личи на Тео Волкот, кој сака да биде центарфор (насловите на книгите се „Т.Џ. и хет-трикот“, „Т.Џ. и пеналот“, „Т.Џ. и победничкиот гол“ и „Т.Џ. и освојувањето на купот“).
Во литературните води е и, на пример, тренерот Тери Венејблс (80), некогашен селектор на Англија и на Австралија, кој е коавтор на пет романи со писателот Гордон Вилијамс од 1972 до 1976 година, потоа е кокреатор на телевизиската детективска серија „Хејзел“, а во 1990 година учествувал во осмислувањето на друштвената игра „Тери Венејблс ве поканува да бидете… менаџер“. Тренерот на Вест Бромвич албион, а порано и на Њукасл, Шефилд венздеј, Астон вила, Сандерленд… Стив Брус (62), пак, е автор на трилогија од 1999 година („Напаѓач“, „Стопер“ и „Одбранбен играч“), фокусирана на измислен фудбалски менаџер што решава мистерии за убиства.

Три новели напиша тренерот на Малага, Шпанецот Пепе Мел (60), а некогашниот центарфор на Тотенхем, Џими Гривс (1940-2021), втор најдобар стрелец на Тотенхем, откако неодамна Хари Кејн го собори неговиот рекорд и најдобар стрелец на англиските врвни лиги, рекордер на англиската репрезентација со шест хет-трика…, пак, имал дваесетина коавторски книги со писателот Норман Гилер…
Ова се само некои од фудбалерите што запловиле и во други води, но и меѓу познати писатели, на пример, имало поранешни фудбалери, како на пример Албер Ками (1913-1960, „Сѐ што знам за моралот и за обврските му го должам на фудбалот“, изјавил своевремено тој), познатиот француски автор, филозоф, драматург и добитник на Нобеловата награда за литература во 1957 година, кој бил голман (бранел за универзитетот „Расинг“ од Алжир пред да го напушти фудбалот кога имал 18 години), како и Артур Конан Дојл (1859-1930), авторот на „Шерлок Холмс“, кој, исто така, бил голман, на аматерската екипа ФК Портсмут. Г.М.