Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај постојаните негирања на националните особености на Македонците во Албанија, како и постојаните провокации и обиди од Софија за нивно претставување како да се нешто различно од македонскиот национален супстрат, македонското малцинство во Албанија продолжува да ги афирмира своите национални особености, како што се јазикот, историјата, културата итн.

Македонците во Албанија носат културни вредности, како што се толеранција, разбирање и соработка, но продолжуваат да го негуваат и македонскиот патриотизам. И покрај постојаните провокации и обиди да се прикаже македонското малцинство во Албанија како составен дел од еден поинаков национален супстрат, Македонците од населените места во општината Пустец, но и од цела Албанија, продолжуваат со негување на своите македонски национални особености – јазик, култура, историја итн. Ова беше особено забележливо деновиве во селото Глобочани, родното место на познатиот албански писател од македонско потекло Стерјо Спасе, каде што се одржаа собир по повод Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во организација на Општина Пустец. Централен настан беше промоцијата на книга „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ од доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, а беше отворена и филателистичката изложба „Светите браќа Кирил и Методиј – сесловенски просветители“ од истиот автор.

Македонците од Албанија остануваат достојни на делото на Кирил и Методиј и продолжуваат со чување на македонскиот јазик, култура и традиции

Васил Стерјоски, прв пратеник Македонец во албанскиот парламент и претседател на политичка партија на Македонците – МАЕИ и претседател на друштвото „Сонце“, на 24 мај, на собирот по повод Денот на сесловенските просветители порача дека „Македонците од Албанија остануваат достојни на делото на светите браќа Кирил и Методиј, кое го продолжуваат со чување на македонскиот јазик, култура и традиции“. Како организатор на настанот присутните ги поздрави и им посака срдечно добредојде градоначалникот на општината Пустец, Пали Колефски.
– Ние, во Мала Преспа, сме благословени што сме дел од македонското јазично и културно наследство. Нашата општина не само што го чува туку и го одржува културното наследство на светите браќа. Преку нашите образовни установи и културни институции, ние го поддржуваме развојот на македонската писменост, ја шириме љубовта кон македонскиот јазик и го заштитуваме нашето богатство – рече Колефски.

Во Глобочани, Албанија, промовирана книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“

На истиот собир беше промовирана книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ од м-р Марјан Гијовски.
– Книгата содржи над 1.000 сведоштва за идентитетското име на Македонците и анализи за одредени историски периоди. Како што кажа авторот, за изработката на тие анализи се консултирал со 14 доктори на наука, специјалисти од различни периоди и теми. Покрај со историчари, се консултирал и со истражувачи од други научни области, како филолози, географи, археолози, архивисти и др. Сведоштвата се собрани од 32 постојни и непостојни држави во светот од сите континенти. Тие го потврдуваат континуитетот на идентитетското име Македонци, и тоа низ три фази на именката самоидентификација: територијална до почетокот на 19 век, етноисториска или народносна од средината на 19 век и национална, која започнала со теоретска разработка од почетокот на 20 век и која завршила со создавањето на современата македонска држава во 1944 година – изјави Гијовски.
Во рамките на манифестацијата беше отворена и филателистичката изложба „Светите браќа Кирил и Методиј – сесловенски просветители“ од доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, која содржи коверти со поштенски марки и пригодни жигови поврзани со просветителите, светите Кирил и Методиј, и словенската писменост, прикажани на 12 паноа.
– Истите тие биле издавани во последните 90 години во повеќе европски држави: Македонија, Чешка, Словачка Русија, Бугарија, Украина, Хрватска. Ватикан, Полска, Грција, во поранешната Југославија, Советскиот Сојуз и Чехословачка. Ваквата почит кон делото на светите браќа со потекло од Македонија се одразила и пошироко, па така, тие се прогласени и за заштитници на Европа. Меѓу овие експонати се наоѓаат и ретки примероци – ни изјави Бранислав Светозаревиќ. Д.Ст.