ФУДБАЛ – СЕ НАБЛИЖУВА СП ВО КАТАР
За потребите на СП се изградени седум нови стадиони, а еден е реновиран (најмалку стадиони во историјата на СП), плус се изградени нови хотели, патишта и друго, за што, според некои пресметки, биле потрошени над 220 милијарди долари, што го прави најскапото СП во историјата
До Светското првенство (СП) во фудбал во Катар, најомилениот спортски настан во светот, остануваат уште 46 дена. Првиот меч на 22-то по ред СП е закажан за 20 ноември, а финалето треба да се одигра на 18 декември. Тоа ќе биде прво СП на Блискиот Исток, прво наесен, прво во една арапска земја, второ во Азија, по 2002 година во Кореја и во Јапонија, и последно на кое ќе настапат 32 репрезентации (на СП 2026 година во завршницата ќе играат 48). Катар е и најмалата земја-домаќин на СП (2,6 милиони жители), по Уругвај (3,5 милиони), домаќинот на првото СП во 1930 година. Катар ќе биде и првата земја-домаќин што никогаш претходно не настапила во завршница на СП.
Меѓу многуте историски работи на ова СП е и тоа дека за првпат ќе има жени судии. Тоа се Стефани Фрапар од Франција, Салима Мукансанга од Руанда и Јошими Јамашита од Јапонија.
За очекување е Катар, кој е многу добро лоциран географски, да ги собори сите рекорди кога станува збор за гостите од целиот свет, со очекувана рекордна бројка од околу 1,2 милион навивачи за време на СП. Катар не е фудбалска нација, поради што недостигаше потребната спортска, стадионска и друга инфраструктура за организација на еден ваков голем настан. Но богатите Катарци изградија седум нови стадиони, а еден реновираа (најмалку стадиони во историјата на СП), плус инвестираа во нови хотели, во патишта и друго, за што, според некои пресметки, биле потрошени над 220 милијарди долари, што го прави најскапото СП во историјата. Според информациите, досега се продадени повеќе од 2,5 од трите милиони билети за ова СП.
За навивачите еден од главните проблеми ќе биде сместувањето, бидејќи Катар како мала земја нема доволно хотелски и други капацитети, плус цените скокнаа до небо, па така, ноќевање во приватна соба чини од 200 долари, па нагоре. Како опција се земјите во соседството, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Кувајт и Оман, кои подготвуваат чартер-летови и траекти за натпреварите.
Алкохолот е забранет во Катар, забрането е да се пие на јавно место и може да се купи само во „лиценцирани барови или ресторани“. Но најдено е решение за кое се смета дека ќе функционира. Светската фудбалска федерација (ФИФА) соопшти дека на навивачите ќе им биде дозволено да купуваат и да пијат пиво во навивачките зони околу осумте стадиони, но не на трибините (таму ќе има безалкохолно пиво), пред и по натпреварите, и за време на вечерните часови на официјалниот „навивачки фестивал“ во паркот во центарот на Доха.
Навивачите се советуваат да бидат „скромно“ облечени, со покриени раменици. Не се препорачуваат шорцеви или блузи без ракави, а влезот во некои официјални згради, најверојатно, ќе биде одбиен ако не ги почитуваат стандардите за „скромност“, според британскиот весник „Индипендент“, кој се повикува на Катарската туристичка управа.
Пушењето е легално во Катар, но забрането е на сите јавни места, вклучувајќи и во музеите, во трговските центри и во рестораните. Прекршителите може да бидат казнети. Увозот, купувањето и користењето електронски цигари се забранети во Катар од 2014 година, а прекршителите може да се казнат со затвор до три месеци и со парична казна од околу 2.750 долари. Л.Д.
Влез на стадионите само со негативен тест за ковид-19
Кога станува збор за навивачите постојат и некои правила. Секој што планира да гледа натпревари во живо, при влез во земјата ќе мора да покаже негативен тест за ковид-19 направен во рок од 48 часа пред заминувањето за Катар, без разлика дали бил вакциниран или не. При користењето на јавниот превоз во Катар, луѓето ќе треба да носат заштитни маски на лицето. Секој што сака да влезе во земјата по 1 ноември ќе треба да аплицира за картичката „Хаја“, персонализиран документ потребен за сите што ќе присуствуваат на СП, со која бесплатно ќе може да се користи јавниот превоз, вклучувајќи метро и автобус. Л.Д.