Реал Мадрид е 15-от тим од Шпанија што не го совлада Димитриевски, кој на мечот во неделата беше прогласен за играч на натпреварот. Димитриевски и Тер Штеген, по 12 кола сезонава, се најуспешните во Ла лига со по шест дуели без примен гол, а македонскиот голман е и на третото место според вкупниот број одбрани сезонава, со 47

ФУДБАЛ – ПО УШТЕ ЕДЕН МЕЧ БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ ВО ЛА ЛИГА

Столе Димитриевски од Рајо Валјекано и Марк Андре тер Штеген од Барселона, по 12 кола, се најуспешните голмани во шпанската фудбалска Ла лига, во категоријата мечеви без примен гол сезонава, со 50-отстотен ефект, односно по шест натпревари без затресена мрежа. Македонскиот репрезентативец во неделата остана несовладан и на мечот со Реал Мадрид, на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, кој заврши со реми 0-0, по кој Димитриевски беше прогласен за играч на натпреварот.
Реал Мадрид е 15-от тим од Шпанија што не го совлада Димитриевски во првенствен натпревар во најсилната лига на таа земја. Реал Мадрид првпат сезонава во Ла лига не постигна погодок на еден дуел. Димитриевски е на третото место во шпанскиот шампионат според вкупниот број одбрани сезонава, со 47 (во просек 3,92 одбрани по натпревар), според податоците на Ла лига. На таа листа води Филип Јоргенсен (Вилјареал) со 54 интервенции (4,5 по натпревар), а втор е Конан Ледесма (Кадиз, со еден меч помалку) со 48 (4,36). Македонскиот чувар на мрежата сега има вкупно 27 меча без примен гол во Ла лига и е на 139-то место во историјата на шпанското првенство, на листата на која води некогашниот репрезентативец на Шпанија и член на Барселона, Андони Зубизарета, со 235 натпревари без примен гол, според статистиката на специјализираната интернет-страница „Трансфермаркт“.
На 26,5 отсто од мечевите на кои настапил во Ла лига, Димитриевски не примил гол, според „Трансфермаркт“. Тој претходно по трипати остана несовладан на првенствените дуели со екипите на Барселона, Алавес, Гетафе и на Еспањол, по двапати на натпреварите со Алмерија, Гранада, Валјадолид и со Селта, а по еднаш на средбите со Реал Мадрид, Атлетик Билбао, Кадиз, Лас Палмас, Вилјареал, Севилја и со Еибар. Димитриевски во официјална средба во Шпанија не прими погодок и од Мајорка, Елче и од Нумансија, во дуели во рамките на Купот на Шпанија. Н.М.


ДУЕЛИ БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ ВО ЛА ЛИГА СЕЗОНАВА

Столе Димитриевски 6
Марк Андре тер Штеген 6
Кепа Аризабалага 5
Унаи Симон 5
Извор: Трансфермаркт


НАЈМНОГУ ОДБРАНИ СЕЗОНАВА ВО ШПАНИЈА

Филип Јоргенсен (Вилјареал) 54 4,50
Конан Ледесма (Кадиз) 48 4,36
Столе Димитриевски (Рајо Валјекано) 47 3,92
Алекс Ремиро (Сосиедад) 46 3,83
Унаи Симон (Атлетик Б.) 44 3,67
во првата колона се вкупниот број одбрани, а во втората просекот по меч
Извор: Ла лига