Перцепцијата што во последните неколку години владее во македонското општество е токму таква – дека Македонците станаа малцинство во сопствената држава. Затоа притисокот е тие да се откажат од сите свои државотворни атрибути, почнувајќи од Илинден, НОВ, АСНОМ, па завршувајќи со прифаќање нов идентитет и нова историја, кои веќе се кројат во земјите од соседството. Со други зборови, македонскиот народ не само што станува кираџија во сопствената држава туку е подложен на процес на отворена асимилација со која треба да биде буквално избришан од мапата на народите, а со тоа еднаш засекогаш да се затвори македонското прашање на Балканот

Каде води повикот на лидерот нА ДУИ ОД селоТО Сопот при отворањето на меморијалниот центар на УЧК

Операцијата за одземање на државотворниот статус на македонскиот народ започната со воениот конфликт во 2001 година, а продолжена со потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и со Преспанската спогодба, полека почнува да влегува во завршна фаза и главните актери повеќе не ги затскриваат крајните намери, сведување на Македонците на обична етничка заедница во сопствената држава.
Перцепцијата што последните неколку години владее во македонското општество е токму таква – дека Македонците станаа малцинство во сопствената држава. Затоа притисокот е тие да се откажат од сите свои државотворни атрибути, почнувајќи од Илинден, НОВ, АСНОМ, па завршувајќи со прифаќање нов идентитет и нова историја, кои веќе се кројат во земјите од соседството. Со други зборови, македонскиот народ не само што станува кираџија во сопствената држава туку е подложен на процес на отворена асимилација со која треба да биде буквално избришан од мапата на народите, а со тоа еднаш засекогаш да се затвори македонското прашање на Балканот.
Тоа го потврдуваат и пораките што изминатиот викенд во кумановското село Сопот ги упати претседателот на ДУИ, Али Ахмети, при отворањето на меморијалниот центар или музеј на УЧК. На свеченоста Ахмети истакна дека Албанците се господари во Македонија и државотворци.

– Кога ја почнавме активноста, ја почнавме за да ја направиме Албанија, да нема граница, но политиките се сменија и избравме прагматизам, а не фанатизам. Ние избравме Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено. Еве ја крвта на стотици војници, патриоти и Албанци. Албанскиот јазик е официјален и неприкосновен – порача Ахмети.
Идеите за голема Албанија не се од вчера и тие постојано се присутни, а прагматизмот за кој сега говори Ахмети, всушност, подразбира преземање на државата не со оружје, туку со алатките што пред повеќе од 20 години си ги обезбедија со оружје и со скапо платено странско лоби. За Ахмети албанското знаме, а не македонското, е неприкосновено, исто како и албанскиот јазик, како официјален и неприкосновен. Тоа јасно говори на каква „заедничка“ држава мисли лидерот на интегративците.
Од пораките што ги испрати Ахмети може да се изведе само еден логичен заклучок, дека ако Албанците се господари и државотворци во Македонија под знамето на соседна Албанија, тогаш сите други се слуги и кираџии на територија што одамна веќе е омеѓена.
Тука треба да се бараат причините зошто официјална Софија толку силно инсистира на уставните измени и за внесување на Бугарите во Уставот, но и зошто Брисел ваквите апсурдни барања ги вметна во преговарачката рамка на земјава. Јасно е дека и Бугарија сака бугарското малцинство во земјава да стане државотворен народ и конечно да се затвори прашањето за голема Албанија и санстефанска Бугарија, уште еднаш на штета на Македонија и на македонскиот народ.
– Ова се веќе сосема отворени изјави што зборуваат каква е целта на Албанците во поглед на националната идеја. И самата карта на голема Албанија што е таму објавена, без притоа да има каква било реакција на некој од македонскиот политички врв, самото по себе зборува која е крајната цел на албанскиот политички фактор во Македонија и тука повеќе не треба да има никакви дилеми – вели Тодор Чепреганов, историчар.
Според него, пораките што ги испраќа Ахмети под иконографијата на голема Албанија, всушност, претставуваат загрозување на уставниот поредок на државата.

Картата на голема Албанија во Сопот пред која продефилира половина Влада, а никој не ја прочита како загрозување на територијалната целовитост и суверенитет на Македонија?!

– Станува збор за отворен израз на национализам од страна на Ахмети и кога тоа ќе биде кажано без одмерени зборови, тоа значи дека директно во лице ни кажуваат која е крајната цел на целата работа. Замислете, со картата на голема Албанија во денешни услови, кога се дел од македонската влада, тие искажуваат какви аспирации имаат. Тука треба да реагира јавниот обвинител, оти ова е загрозување на уставниот поредок на државата – истакнува Чепреганов.
Тој не исклучува дека сето тоа се прави и заради засилување на емоциите кај албанското гласачко тело во предизборниот период, но потсетува дека дури и таквите предизборни наративи подоцна станувале официјални политики од страна на албанскиот политички фактор и без исклучок се реализирале.
– Дали ова е предизборно „застрашување“ на Македонците од типот еве што ќе се случи ако не поддржите уставни измени, а од друга страна дигање на емоциите на Албанците пред изборите, не би можел со сигурност да тврдам. Но факт е дека кога е нешто вака кажано, кога се споменуваат некакви господари и државотворци, тогаш тоа е загрижувачко, бидејќи станува збор за отворени изјави и претензии за редефинирање на македонската држава. Ако ние како Македонци реагираме на нешто такво, тогаш веднаш нè обвинуваат за албанофобија, дека шириме говор на омраза, нè нарекуваат македонски националисти и уште многу други епитети ни лепат во меѓувреме. А тоа што го прават тие сега, не само што е национализам туку би го нарекол и супранационализам – потенцира професорот Чепреганов.
Понатаму тој додава и дека Ахмети треба да прецизира на каква државотворност на Албанците мисли, дали од 2001 година или на некоја друга.
– Ахмети може да мисли на државотворност што им потекнува од Охридскиот договор, а не може да зборува за државотворност на Албанците во Македонија од 1944 година, бидејќи тогаш тие беа на страната на нацифашистичката коалиција. Се знае како функционираше тогаш таа голема Албанија, кога под знамето на истата таа голема држава и како соработници на фашистите окупираа и пустошеа делови на западна Македонија, истите оние што сега ги гледаме во тие спорни карти и иконографии – истакнува Чепреганов.
Негово мислење е дека намерно се работи на уништување на македонскиот државотворен супстрат за да се изгради некаква поинаква нарација, која веќе отворено се искажува.

– Со сето ова што ни се случува во последно време, македонскиот државотворен супстрат се губи. Тоа од ден на ден станува сè повеќе очигледно. Она што беше држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во неа, повеќе не важи. Полека Македонците го губат државотворниот елемент во формирањето на државата. Ако и Бугарите влезат во Уставот, тогаш ќе имаме барања што сосема ќе нè обезличат и нас како народ и воопшто државата онаква каква што ја знаеме и онаква за која се бореа многу генерации – заклучува Чепреганов.