Еманципацијата како маскарада?!

Секојдневно можеме да слушнеме дека Македонија е позитивен пример за еманципацијата и правичната застапеност. Впрочем, во македонскиот устав и македонското законодавство не постојат пречки на патиштата по кои ќе одлучат да одат македонските граѓани, без разлика на етничката, религиската или половата припадност. Но доколку внимателно се анализира, може да се заклучи дека еманципацијата кај нас се претвори во своевидна маскарада – читај извештачено однесување и празни флоскули. Тоа е особено видливо во македонските државни и јавни институции, каде што функциите се доделуваат врз принципот на етничка квота, а на штета на меритократскиот принцип, односно на знаењата и способностите

Во изминативе три децении постојано го слушаме изразот еманципација, но која е суштината на тој збор? Во најтесна смисла, еманципацијата означува ослободување (ослободување од зависност), а во најширока смила добивање основни човекови права. Најчесто еманципацијата како процес е насочена кон обезбедување економски, општествени и политички права (еднаквост) за специфично обесправена група. Во западниот свет, меѓу првите што го поставија прашањето за политичката еманципација беше германскиот филозоф Карл Маркс во есеј од 1844 година. Во споменатото дело, Маркс дискутираше дека политичката еманципација преставува еднаков статус на граѓаните во однос на државата, еднаквост пред законите, без разлика на религијата, имотот или другите карактеристики на поединечните луѓе.
Класичен пример за еманципацијата како процес, процес што е насочен кон унапредувањето на одредена обесправена група се Соединетите Американски Држави. Имено, еманципацијата на Афроамериканците започна со прогласот за еманципација и укинувањето на ропството во втората половина на 19 век, а кулминира со движењето за граѓански права и серија закони, како што е Законот за граѓански права од 1964 година или Законот за право на глас од 1965 година. Во изминативе години еманципацијата во Соединетите Американски Држави се продлабочи и сѐ почесто Афроамериканците можеме да ги видиме како носители на високи државни или јавни функции, како што е примерот со Колин Пауел (првиот афроамерикански државен секретар) или Барак Обама (првиот афроамерикански претседател).
Начинот на кој се одвиваше и сѐ уште се одвива еманципацијата во Соединетите Американски Држави може да го разбереме преку истакнатиот историчар и филозоф Ајзаја Берлин, кој велеше дека „слободата не подразбира само отсуство на спречување, туку и отсуство на пречки за можните избори и дејствувања – отсуство на пречки на патиштата по кои ќе реши да оди човекот.

Таквата слобода, во крајна линија, не зависи од тоа дали јас воопшто сакам да одам некаде и до каде, туку од тоа колку врати ми се отворени, од тоа дали се подотворени или ширум отворени, од нивната релативна важност за мојот живот“. Со други зборови, Соединетите Американски Држави како општество одлучија ширум да ги отворат вратите за сите, без разлика на нивата етничка, религиозна или полова припадност.
Каде е македонското општество во оваа приказна? Секојдневно можеме да слушнеме дека Македонија е позитивен пример за еманципацијата и правичната застапеност, а мора да потсетиме дека со македонскиот устав и македонското законодавство не постојат пречки на патиштата по кои ќе одлучат да одат македонските граѓани, без разлика на етничката, религиската или половата припадност. Но доколку внимателно се анализира, може да се заклучи дека еманципацијата кај нас се претвори во своевидна маскарада – читај извештачено однесување и празни флоскули. Тоа е особено видливо во македонските државни и јавни институции, каде што функциите се доделуваат врз принципот на етничка квота, а на штета на меритократскиот принцип, односно на знаењата и способностите.

Мајкл Јанг (социолог и политичар што го измисли изразот меритократија) велеше дека „во меритократијата секој има право да го изрази своето мислење и се охрабрува да го споделува отворено и често. Тие мислења се слушаат и потоа се донесуваат одлуки врз основа на оние што се сметаат за најдобри“. Не случајно во модерните и развиени држави процесот на еманципација и правична застапеност се одвива со почит кон заслугите, талентот, вештините, интелигенцијата на личноста. Како да забораваме дека првиот афроамерикански претседател Барак Обама беше избран поради своите умешности и квалитети, а не поради бојата на кожата.
Како општество, сѐ додека не го разбереме овој сегмент, ќе се соочуваме со ерозија на државните институции, недостиг од владеењето на правото и отчетноста, нефункционалност на образованието и здравството и сѐ така до бесконечност.