Во првите полуфинални натпревари Базел славеше на гости против Фиорентина со 2-1, а Вест хем го победи АЗ Алкмар со 2-1

ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА, ПОЛУФИНАЛЕ

Двата први полуфинални меча во третото по ранг клупско натпреварување, Конференциската лига, ги окарактеризираа големи пресврти. Така, швајцарскиот претставник Базел на гостински терен во италијанскиот град Фиренца славеше над Фиорентина со 2-1. Домаќините го открија резултатот со голот на Артуро Кабрал во 25-та минута, а израмни Енди Диуф во 71-та, додека победата беше остварена со голот на Зеки Амдуни во 92-та минута, што секако претставува изненадување.
Во второто полуфинале од ова натпреварување, премиерлигашот Вест хем на свој терен во Лондон го победи холандскиот претставник АЗ Алкмар со 2-1. Гостите поведоа со голот на Тијани Рајндерс во 42-та минута, но Вест хем не дозволи изненадување и направи целосен пресврт во второто полувреме, со погодоците на Мохамед Бенрахма во 67-та (удар од пенал) и на Михаил Антонио во 76-та минута. Реванш-натпреварите ќе се играат во Базел и Алкмар, следниот четврток. Г.И.