Уставот во водата – тавчето на ринглата

Имајќи ги предвид позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и партиското категорично тврдење дека нема да гласаат за уставни измени, потрошената енергија и предлозите на групата може да бидат залудни и фрлени во канта. Тоа е првата можност. Втората е дека владејачките партии, и по цена на политичко самоволие и трговија со влијание, ќе ги усвојат предложените измени. Втората варијанта е поуверлива

Уставните измени пред работната група и зад очите на јавноста

Уште нероден Петко, му се крои уставната капа. Работната група, која на почетокот неуставно беше именувана како Уставна комисија, ги пушти првите пипци за колку-толку да си го покаже лицето пред јавноста. Се соопшти дека засега не се работи конкретно на предлози за уставните промени туку за утврдување на процедурата, на деловничките прашања, методологијата и начинот на работа. Значи, се утврдуваат внатрешната организација на групата и правилата на игра во неа.
Преку енергичната и авторитетна претседателка на тој состав од 32 члена, судијката Маргарита Цаца Николовска, јавноста можеше да ѕирне само во дел од нивните постапки и намери. Засега ништо суштински ново, ништо што не е познато. Се свири мелодијата компонирана од нарачателите. Таа е составена од ноти од претходните документи и заклучоци на Владата, заклучоци и одлуки на Собранието врзано за сето она што претходно се укажуваше од ЕУ, за сето она што на одреден начин упатува на потребата од уставни измени.
Засега има само зборови и затскриени навестувања, не се знае кога ќе се видат предлог-решенијата. Нема рок кога тие ќе ја допрат светлината на денот. Треба да се верува дека власта ќе врши притисок тие да се обелоденат што побрзо, за да има време да се фатат европските рокови за да може да почнат преговорите за членство во Европската Унија. Од друга страна, отворено прашање (барем засега) е дали воопшто ќе се стигне до крајната цел.
Таа цел има две солуции, односно два епилога.
Имајќи ги предвид позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и партиското категорично тврдење дека нема да гласаат за уставни измени, потрошената енергија и предлозите на групата може да бидат залудни и фрлени во канта. Тоа е првата можност. Втората е дека владејачките партии, и по цена на политичко самоволие и трговија со влијание, ќе ги усвојат предложените измени. Втората варијанта е поуверлива, имајќи предвид дека непарламентарните и шверцерски методи стануваат знак за распознавање за алатките на актуелната власт и за аморалните капацитети на пратениците во Собранието. Така беше со промената на уставното име на државата, не би било чудно ако се повтори дејството и при вториот чин на оваа популарна драма со комични сцени.

Нема кому не му е познато дека целата бура за Уставот е околу впишувањето на Бугарите во преамбулата и нивните права разработени во нормативниот дел, а содржани во францускиот предлог и усвоените протоколи со државата Бугарија. Чадорот со другите малцинства што власта го поставува како примамлив декор прокиснува уште пред да биде отворен.
Иако има иронија, но има смисла мислењето дека ако е потребно само механичко допишување на бугарското малцинство, тогаш не треба да се формираат работни групи, уставни комисии. Тој службен акт може да го направат двајца службеници во Собранието, а ако не се доволни, може да им се придружат и двајца овчари од Овчеполието. Процедурата е проста: одобрение, образложение, гласање, потпис, печат и завршена работа.
Значи, очигледно станува збор за нешто поголемо. До тој заклучок може да се дојде не само кога станува збор за македонските Бугари и нивното место во Уставот туку и за барањата на дел од албанските партии за укинување на амандманот за албанскиот јазик како службен јазик. Тоа би подразбирало бришење на процентот од 20 отсто и неговата трансформација како официјален втор државно-службен јазик на целата територија, во сите институции и за сите потреби.

Фото: Игор Бансколиев

Шефицата на Работната група за подготвување предлог-иницијатива за измените (таков е сега називот) ги нарече шпекулации информациите дека освен внесувањето на Бугарите и на други помали заедници во преамбулата, таа може да се збогати со наратив за утврдување на самобитноста на македонската нација и корените на македонскиот јазик. Иако рибата е во водата, шефицата го стави тавчето на ринглата.
За што станува збор? Како коректен прилог кон можните начини ем Бугарите да влезат во Уставот ем Македонците да не бидат оштетени, во некои медиуми проструи недообликуван предлог што навестува таква можност. Предлогот, всушност, ги поддржува намерите за упис на Бугарите во Уставот, но истовремено би инсистирал на зајакнување на принципите и начелата на АСНОМ, на асномска Македонија, при што, низ благи дефиниции, би се потврдиле во преамбулата историските традиции, историјата, јазикот, писмото, и културното наследство на Македонците, мнозинско население во Република Македонија, сега Северна.
Навистина зачудува леснотијата со која категорично се отфрла едно неформално размислување што оди во македонски прилог, национален и државотворен. Самата реакција покажува дека уште отсега нема да се акцептираат мислењата што се разликуваат од службените. За овие вторите може да се слушне дека веќе се напишани во владините кабинети и треба само да се пренесат до Работната група да ги аминува.
Треба да се предупреди дека ако биде одбивен ставот на групата или на Министерството за правда кон различните предлози и мислења, тогаш лажни ќе излезат сите заложби и повици за вклучување во отворена јавна дискусија и за учество на граѓаните и граѓанските организации во процесите за донесување на новиот устав. И да се каже дека Работната група е само технички инструмент во рацете на Министерството за правда. Таа нема ингеренции и надлежности за други оцени, најмалку за политички. Уставот, како највисок државен акт, во крајната линија е во рацете на пратениците, а не на неформални ад хок создавани групи и групации. Во Собранието ќе се игра финалето.

[email protected]