Фото: Игор Бансколиев

Демократскиот карактер на државата го означува пред сѐ основното обележје на политичкиот систем и го опфаќа, во една поширока смисла, обликот на политичкото општество, кое ја решава првата цел на човекот – слободата, имено граѓанска слобода во сите облици и во полна смисла на зборот. Во суштина, во политичкиот систем и во демократскиот карактер на државата се принципите што се однесуваат на власта и на политичките односи, на организацијата на државната власт и, воопшто, на политичкиот живот на заедницата. Нашата држава е парламентарна демократска република, а највисоко законодавно и претставничко тело на граѓаните е македонскиот парламент. Имено, Собранието се дефинира како највисока претставничка институција на граѓаните. Оттука, Собранието односно пратениците легално и легитимно треба ги застапуваат и заштитуваат интересите на граѓаните!

Во изминатиов период повеќемина наши соговорници, експерти, правници, и универзитетски професори, во свои изјави и интервјуа идентификуваа една состојба на зачестени ситуации во кои законодавниот дом носи одредени закони и законски решенија, без неопходна поширока јавна расправа, честопати во спротивност од интересите на самите граѓани.

Инструментализирани државни институции

Според проф. д-р Светомир Шкариќ, злоупотреба на правото постои тогаш кога одредено физичко или правно лице ги користи своите субјективни права на начин што ги повредува субјективните права на другите лица. Станува збор за субјективно право (jus) засновано врз објективно право (lex). Според Шкариќ, големи злоупотреби на субјективните права врши и македонското собрание, како законодавен и уставотворен орган, посочувајќи го примерот со Законот за сопственост и други стварни права од 2001 година, во кој е извршено поистоветување на добрата во општа употреба со државната сопственост.
Проф. д-р Ангел Ристов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ укажува дека субјективните права не ги злоупотребуваат само носителите на правата. Чести се ситуациите кога законодавецот носи одредени закони и законски решенија, без неопходна поширока јавна расправа или само за задоволување одредени интересни групи. Во науката ваквите прописи се познати како „бирократски закони“, кои се во спротивност со општоприфатените начела на граѓанските права и правната логика и се на штета на граѓаните. Според проф. д-р Ангел Ристов, во последните децении бројот на ваквите закони и законски решенија што го добија префиксот „ненормално“ право сѐ повеќе се зголемува.
Проф. д-р Мирјана Најчевска истакнува дека пратениците како членови на Собранието мора да ги добијат сите потребни податоци и информации за да гласаат за одреден закон. Пратениците имаат овластување за да ги добијат сите информации. Сертификатот е за државна тајна. Според Најчевска, тие што нема да ги добијат информациите не треба да гласаат во Собранието.
– Пратениците се на таква функција што треба да ги добијат сите овие документи, доколку постои деловна тајна, пратениците потпишуваат изјава дека нема да изнесат информации. Пратениците имаат овластување за да ги добијат сите информации. Сертификатот е за државна тајна. Тие што нема да ги добијат информациите не треба да гласаат во Собранието. Главно е да ја заштитиме државата, не компанијата – вели проф. д-р Мирјана Најчевска.

Перцепцијата на граѓаните е дека „пратениците си ги туркаат или теснопартиските или личните интереси“

Политичките експерти и наши соговорници посочуваат дека „пратениците треба да гласаат во законодавниот дом во согласност со своите убедувања и во интерес на граѓаните“. Како пример тие го посочуваат поранешниот американски сенатор Џон Мекејн, кој, по свое убедување, во случајот за здравствената програма „Обамакер“ гласаше против својата партија. Неговиот глас беше одлучувачки против укинување на здравствената програма „Обамакер“. Во образложението по неговото гласање, Мекејн ја критикуваше својата партија и рече дека била насочена само да ја укине здравствената програма на Обама, без притоа да понуди подобро решение. Мекејн во една своја карактеристична изјава ги повика пратениците „да се вратат на правилниот начин на законодавство и да го испратат нацрт-законот назад до комисијата, да одржуваат расправи, да добиваат придонес од двете страни на патеката, да ги послушаат препораките на гувернерите на нацијата и да подготват предлог-закон што конечно ќе обезбеди достапно здравје и грижа за американскиот народ“.
Што се однесува до состојбата во нашата земја во врска со ова прашање, според податоците од низа теренски анкети од 2018 до 2021 година, граѓаните укажале дека пратениците не успеале да ги претстават нивните интереси во Собранието. Спомнатите укажувања исто така покажуваат дека во 2018 година само 10 отсто од испитаниците сметале дека пратениците секогаш ги застапуваат нивните (граѓанските) интереси. Овој мал процент бележи пад 2019 година, кога изнесува 7 отсто, а во 2020 година само 6 отсто од граѓаните сметале дека пратениците ги застапуваат нивните интереси. Д.Ст.