Продолжува стресот и последиците врз стопанството со рестриктивна монетарна политика и покачување на каматните стапки / Фото: Игор Бансколиев

За разлика од американските Федерални резерви и Европската централна банка, кои минатата недела ги зголемија каматните стапки, Народната банка на Србија не го следи овој потег и ја прекина досегашната „серија“ од 13 последователни покачувања на клучната каматна стапка. Но затоа Народната банка на Македонија продолжува со претходната политика на зголемување на каматните стапки, во намера на „зауздување“ на високата инфлација

Економистите во дилема околу исправноста на континуираното затегнување на монетарната политика

Дали даде плод неколкумесечното затегнување на монетарната политика во Македонија, чија главна цел беше намалување на инфлацијата?
Имено, најновите резултати идентификуваат „минимално намалување на трошоците на живот во последните три месеци, а априлската инфлација во земјата забележа минимално намалување во однос на март годинава од еден отсто“.
За тоа какви се ефектите од монетарното затегнување покажуваат и податоците за последното тримесечје од годинава, кои беа презентирани и во извештајот на Народната банка, во кој се наведува дека реалниот раст на БДП забавил или, во просек, за целата 2022 година економијата бележи реален раст од 2,1 проценти. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов упатуваат на минимален годишен раст кај индустриското производство, мал реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и солидни стапки на раст кај градежништвото и угостителството.

Србија излегува од редот земји што практикуваат затегнување на монетарната политика со покачување на каматната стапка

За разлика од американските Федерални резерви (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ), кои минатата недела ги зголемија каматните стапки, политика што во чекор се следи и од Народната банка на Македонија, централната банка на Србија не го следеше овој потег и ја прекина досегашната „серија“ од 13 последователни покачувања на клучната каматна стапка. Иако инфлацијата во САД беше во опаѓање и во април годинава достигна ниво од 4,9 отсто, во еврозоната годишната инфлација минатиот месец порасна на седум отсто, по мартовската инфлација од 6,9 отсто. Во Србија мартовската инфлација беше 16,2 отсто и во последните три месеци се одржува на вака високо ниво. Народната банка на Србија својата одлука да не ги следи другите централни банки ја образложи со потребата од согледување на ефектите од претходно спроведените монетарни мерки. Очекувањата на оваа институција се дека „инфлаторните притисоци во следните месеци ќе почне да се намалуваат“. Но клучното влијание го имаше постепеното слабеење на надворешниот ценовен притисок, односно падот на цените на енергентите, пред сѐ на електричната енергија, нафтата и гасот. Од централната банка на Србија посочуваат и на друга причина за прекинување на растот на каматите.
– Во услови на забавување на глобалните економски активности, пред сѐ на преработувачката индустрија во зоната на еврото, која е и наш најголем трговски партнер, потребно е да се обезбеди и континуитет на нашиот економски раст. Остануваме на проекциите за економскиот раст во оваа година во распон од два до три отсто. Најважен фактор за ценовна стабилност во Србија е релативната стабилност на курсот на динарот кон еврото – се наведува во соопштението на НБМ.

Да не се продлабочи загрозувањето на економскиот раст

Економскиот експерт Михајло Гајиќ, коментирајќи ја последната одлука на НБС, нагласува дека во Србија и натаму има висока инфлација.
– Мислам дека Народната банка на Србија одлучи да не ја зголемува каматната стапка поради стравот дека ќе го загрози економскиот раст, особено по разочарувачките резултати во првиот квартал од годинава и последниот од минатата година – изјави Гајиќ за јавноста.
Според Гајиќ, централната банка се обидува да жонглира меѓу стапката на инфлација и економскиот раст, а тоа е дилемата и на другите централни банки, иако ФЕД и ЕЦБ недвосмислено сакаат да ја „соборат“ инфлацијата по цена на рецесија.
– Нема единствена теорија или модел со кој се одредува колкава треба да биде каматната стапка. Постојат различни теории, а ефектот на монетарните мери се гледа по шест месеци или повеќе. ФЕД и ЕЦБ се одлучија да ја зголемат каматната стапка, но тоа не значи дека се во право. Ако каматата е премногу ниска, ќе имаме инфлација, ако е превисока, ја носи економијата во рецесија. Инфлацијата во Србија е повисока од еврозоната, а тоа е последица на одложувањето на поскапувањето на енергијата. Лани државата ги замрзна овие цени и имавме ниска стапка на инфлација, па сега ќе го платиме со повисока инфлација. Но ниската инфлација во ЕУ не значи дека и цените повеќе не растат, затоа што тие се споредуваат со минатата година, кога беа постигнати највисоки нивоа на цените – објаснува Гајиќ.
Одлуката на Народната банка на Србија за незголемувањето на каматата и покрај високата инфлација, економистот Славиша Тасиќ ја објаснува со тоа што каматната стапка нема големо влијание на инфлацијата во Србија.
Европската централна банка минатата недела ја зголеми референтната каматна стапка за 25 базични поени, додека продолжува да се бори со растечките потрошувачки цени, при што стапките сега се на нивоа што не се забележани од ноември 2008 година. Одлуката доаѓа откако овонеделните податоци за инфлацијата покажаа дека основната стапка се зголеми на 7 отсто за април. Во исто време базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, благо се намали на 5,6 отсто. Централната банка го започна своето тековно зголемување во јули 2022 година, кога ја донесе главната стапка од -0,5 отсто на нула. Сепак, и покрај постојаните стапки на пораст од тогаш, инфлацијата останува далеку над целта на ЕЦБ од 2 отсто. Процените објавени минатата недела од Меѓународниот монетарен фонд сугерираат дека инфлацијата нема да ја достигне целта на ЕЦБ до 2025 година.
Последните податоци покажуваат и дека економијата на еврозоната пораснала помалку од очекуваното во првиот квартал од оваа година, забележувајќи анемичен БДП од 0,1 отсто. Неодамнешното истражување на ЕЦБ покажа дека банките значително го заостриле пристапот до кредити, што може да сугерира дека повисоките каматни стапки почнале да земаат данок врз реалната економија. Претходно и централната банка на САД, Банката на федерални резерви, ги зголеми стапките за 25 базични поени, зголемувајќи го опсегот на целните средства на 5-5,25 отсто, што е највисоко ниво од август 2007 година. Централната банка исто така сугерираше дека е блиску до паузирање на зголемувањата на каматните стапки.

Во согласност со воспоставената „инфлаторна“ политика на нашата земја, која во најголем дел е усогласена со политиките на Европската централна банка, Народната банка на Македонија неделава се одлучи за ново затегнување на монетарната политика, преку зголемување на референтната камата за 0,25 процентни поени. Со тоа ја зголеми каматната стапка на благајничките записи на ниво од 5,75 проценти. Комитетот за оперативна монетарна политика донесе и одлука за зголемување на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 процентни поени, со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена ќе изнесуваат 3,65 проценти и 3,70 проценти. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
– Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика што започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочен кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем – информираа од Народната банка.
Според централната банка, неопходна е натамошна претпазливост при водењето на политиките заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Во април годишната стапка на инфлација бележи забавување, кое започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки, е над историскиот просек. Побавниот годишен раст на инфлацијата главно произлегува од помалиот раст на цените кај прехранбената компонента.
– Базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина – велат од Народната банка на Македонија.