ФУДБАЛ – УТРЕ НОВА РАНГ-ЛИСТА НА ФИФА

По одигрувањето на Европското првенство во Германија и на Копа Америка во САД, се најавува дека репрезентациите на Аргентина и на Франција ќе ги задржат првите две места на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), но дека на рангирањето за јули огромен напредок би направил новиот европски шампион Шпанија, со пласман на третото место, според специјализираните интернет-страници што подготвуваат фудбалска ранг-листа за репрезентации.

Така, според тие податоци, актуелниот светски и јужноамерикански првак Аргентина би останал на првата позиција со убедливо водство пред светскиот вицешампион Франција, а новиот европски првак Шпанија би бил на третото место (таа селекција беше на осмата позиција на листата објавена во јуни), пред европскиот вицешампион Англија (скок за едно место) итн.

Според најавите од Светската фудбалска федерација, новото рангирање се очекува да биде објавено утре. Н.М.