Јаја Туре не може да се помири со фактот дека е отпишан од Манчестер Сити и сака на сите, а посебно на Пеп Гвардиола, да му докаже дека сė уште може да игра во Премиер лигата.

Подготвен е следната сезона да игра во англиското првенство само за да докаже дека шпанскиот тренер погрешил што го избркал од Манчестер Сити, клуб во кој е од 2010 година.

– Јаја се согласува да игра за една фунта неделно ако го повика некој од првите шест клубови во Премиер лигата – открива Дмитри Селјук, менаџер на 35 годишниот фудбалер од Брегот на слоновата коска.

– Тој може да игра на највисоко ниво и тоа сака на сите да им го докаже. Секако, во случај на одлични резултати би заработил и бонус, но ете, некој од клубовите да знае колку чини, колку му се важни парите во овој момент – вели неговиот менаџер.

Тоа значи дека за шеесеттина евра годишно би можеле да го донесат Манчестар Јунајтед, Арсенал, Ливерпул, Тотенхем и Челзи.

– Ова е единствената понуда во историјата на фудбалот и горди сме на неа. Имаме неколку огромни финансиски понуди, но тука парите не се во прашање, туку мотивот и гордоста – вели Селјук.