Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александер Чеферин, е еден од највлијателните лидери во 2021 година во Европа, според угледниот информативен сервис „Политико“, кој известува за европските политички прашања, објави УЕФА на својата интернет-страница.
Ваквото признание за Чеферин (54) е поради неговата улога во успешната битка против т.н. европска суперлига и против одржување светски првенства (СП) на две години. Чеферин е на листата од 28 најистакнати европски „чинители, сонувачи и нарушувачи“ за 2021 година, заедно со некои од најпрепознатливите политички и деловни фигури во Европа, вклучувајќи ги и претседателката на Европската Унија, Урсула фон дер Лејен, и новиот германски канцелар, Олаф Шолц, пишува УЕФА.
Во профилот на Чеферин, на интернет-страницата на „Политико“ пишува: „Како претседател на УЕФА, Александер Чеферин е во центарот на битката за иднината на најпопуларната забава во светот. Откако се соочи со некои од најголемите клубови во Европа поради, како што го нарече, ‘срамниот, себичен’ план за создавање ексклузивна и антиконкурентска суперлига, тој сега се насочи кон ФИФА, противејќи му се на предлогот светските првенства да се одржуваат на две години“.
Во септември Чеферин ја доби наградата за најдобар извршен директор на Светскиот фудбалски самит (СФС), за брзото и решително справување со предлогот за европска суперлига, како и за вештото водство на УЕФА преку Европското првенство што се одржа летово, а беше одложено за една година поради пандемијата на ковид-19, пишува УЕФА.