ФУДБАЛ – КУП НА НАЦИИТЕ НА АФРИКА

Сенегал третпат во финалето

Репрезентацијата на Сенегал се пласира во своето трето финале, а второ во низа, на фудбалскиот Куп на нациите на Африка, што се игра во Камерун. Во првото полуфинале, Сенегал ја победи селекцијата на Буркина Фасо со 3-1 и во финалето в недела ќе се сретне со победникот од второто полуфинале, играно синоќа, помеѓу Камерун и Египет. Сенегал играше во финалињата на Купот на нациите на Африка во 2002 и во 2019 година.


Боксот, кревањето тегови и модерниот петобој не се во
почетната програма за ЛОИ 2028

Боксот, кревањето тегови и модерниот петобој не се вклучени во почетната програма за Летните олимписки игри во 2028 година во Лос Анџелес, но би можеле да бидат додадени подоцна, пишува „Би-би-си“. На седницата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во Пекинг беше одобрена програма од 28 спорта, со „силен фокус на младите“. Вклучени се скејтбордингот, спортското качување и сурфањето. Лос Анџелес ќе може да предложи дополнителни спортови во 2023 година. Боксот, кревањето тегови и модерниот петобој би можеле да бидат додадени на програмата следната година, доколку успешно покажат дека ги решиле проблемите во нивните спортови.