По трите кола во групната фаза во ЛШ овие три тима имаат максимален ефект, по три победи, и имаат дадено вкупно 32 гола

Францускиот Пари Сен Жермен, германскиот Баерн и англискиот Манчестер сити продолжуваат со одличните и ефикасни игри сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). По трите кола во групната фаза овие три тима имаат максимален ефект, по три победи, и имаат дадено вкупно 32 гола (во просек повеќе од четири по натпревар!) и примено само пет (ПСЖ ниеден, а Сити само еден).

Кога сме кај головите за издвојување се двајца фудбалери, Французинот Килијан Мбапе, напаѓачот на ПСЖ, и полскиот интернационалец во редовите на Баерн, Роберт Левандовски. Мбапе на мечот против Бриж (5-0) влезе во игра во 52-та минута и во период од 22 минути (од 61-та до 83-та) постигна хет-трик, плус една асистенција, и на возраст од 20 години и 306 дена стана најмладиот фудбалер што постигнал 15 гола во ЛШ. Со тоа тој го собори рекордот на Лионел Меси кому тоа му успеа кога имаше 21 година и 288 дена. Пред Меси најмлад играч што дал 15 гола во ЛШ, на 22 години и 163 дена, беше легендата на Реал, Раул.

Левандовски (31) даде два гола за Баварците на мечот против Олимпијакос во Атина (3-2), за него 21. на само 17 меча во сите конкуренции, за Баерн и Полска, во сезоната 2019/2020. Тој има дадено гол и повеќе на сите натпревари, освен во германскиот Суперкуп, против Борусија Д. (0-2)! Статистиката вели дека тој во 2019 година за Баерн на 36 меча дал 36 гола, четири повеќе од Лионел Меси на ист број натпревари. Мбапе на 32 меча дал 29, двајцата напаѓачи на Сити, Серхио Агуеро на 35 постигнал 29, а Рахим Стерлинг на 39 меча 27 гола. Ефектот на Кристијано Роналдо во дресот на Јувентус е 18 гола на 29 меча.

Левандовски е на петтата позиција според бројот на постигнати голови во ЛШ, 58, само два помалку од Карим Бензема од Реал. Пред него се уште Раул (71), Меси (112) и Роналдо (127).

– На секој меч сакам да дадам сѐ од себе, да постигнувам голови за мојот тим и да победам. Знам дека секоја ситуација на теренот може да се покаже важна и може да одлучи дали ќе победиме или ќе загубиме. Затоа се трудам да бидам фокусиран, смирен и да си ја завршам мојата работа – изјави Левандовски по мечот во Атина.
Европскиот вицепрвак Тотенхем, кој е во лоша форма сезонава, конечно ги израдува своите симпатизери со убедливата победа над белградска Црвена звезда од 5-0. Хари Кејн даде два гола, вкупно 16-ти за него во ЛШ. На мечот во Лондон на трибините имаше и над 200 навивачи на српскиот тим и покрај забраната од Европската фудбалска унија (УЕФА) за купување билети и организирано следење на мечот. 


Група А
Бриж – ПСЖ 0-5
Галатасарај – Реал 0-1
Група Б
Олимпијакос – Баерн 2-3
Тотенхем – Црвена звезда 5-0
Група Ц
Шахтар – Динамо З. 2-2
Манчестер сити – Аталанта 5-1
Група Д
Атлетико – Баер Л. 1-0
Јувентус – Локомотив М. 2-1