Тој дома има своја лична вежбалница, каде што вежба дури и во слободните денови. Во тоа му помага сопругата Ана, светска шампионка во карате, која стана експертка за исхрана и за фитнес, која му нуди поддршка дури и за најмалите детали. „Не е важно што сте освоиле, туку што сѐ уште можете да освоите“, вели Левандовски

ФУДБАЛ

Во моментов се чини дека напаѓачот на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски, може да постигне гол кога сака и против кого сака и да поставува нови рекорди секоја недела. Поради ова на официјалната интернет-страница на Бундес-лигата се „откриваат“ петте тајни што се клучни за успехот на Левандовски.
1. Физичка подготвеност. За време на играњето за Борусија Дортмунд, Левандовски го доби прекарот Тело поради стомачните мускули и физичката подготовка, како и поради посветеноста да го извлече најдоброто од себе. Но не беше секогаш така. „Не можете да замислите колку беше мал и слаб како дете. Тој беше многу поинаков отколку сега. Тогаш речиси бевме загрижени дека нешто ќе му се случи“, се сеќава Камил Бачек, поранешен соиграч на Левандовски во Полска. И, што се случи? Тој дома има своја лична вежбалница, каде што вежба дури и во слободните денови. Во тоа му помага сопругата Ана, светска шампионка во карате, која стана експертка за исхрана и за фитнес, која му нуди поддршка дури и за најмалите детали. Сепак, Левандовски не работи само на физичката страна, тој добро знае дека и менталитетот е исто толку важен. „Понекогаш работам специјални вежби за да се фокусирам само на концентрацијата. Тоа е исклучително важно за напаѓач“, изјави тој за весникот „Ди велт“. Тоа се исплатеше бидејќи 19 проценти од сите негови голови за Баерн (60 од 318) се постигнати по 76. минута од натпреварите.
2. Тоа сте што го јадете. Покрај ригорозниот режим на тренирање, Левандовски посветува големо внимание на тоа што и кога јаде. Промените во исхраната тој ги направи пред повеќе од една деценија. „Кога имав 22 години, го сменив тоа што го јадев за да можам да играм уште неколку години.

Тогаш не бев сигурен дали ќе ми помогне, но останав на тоа и се исплатеше. Сѐ што почнав да правам тогаш ми носи успех денес“, изјави тој по добивањето на „златната копачка“ за сезоната 2020/2021. Што значи тоа конкретно? „Не консумираме лактоза, пченично брашно, бел шеќер или пржена храна. Прво го јадеме десертот или јаглехидратите, а потоа протеините. Понекогаш јадеме само сурова храна, а понекогаш малку месо“, објаснува Ана. Левандовски постигна 111 од 291 гол во Бундес-лигата откако наполни 30 години. Само Манфред Бургсмилер (117) постигнал повеќе голови над 30-та.
3. Моќта на спиењето. По вежбање и јадење, секому му треба добра дремка, а Левандовски не се разликува во тоа. Тој, како што можеше да се очекува, го крена сонот на поинакво ниво, со тоа што регрутира експерт во областа за да го оптимизира неговиот одмор. Покрај уживањето во висококвалитетен душек, во спалната соба на Левандовски целосно може да се исклучи дневната светлина, постојано се лади до максимум 21 степен (дури и во лето), нема телевизор, а другите електронски уреди мора да бидат исклучени. Дури и неговата положба за спиење не е препуштена на случајноста.

4. Со тренирање до совршенство. Општоприфатена поговорка во фудбалот е дека „не можете да тренирате пенали“. Левандовски не се придружува до тоа. Неговата техника за изведување пенали е дополнителен пример за тоа дека тој не остава ништо на случајноста, постојано усовршувајќи ја својата техника за да стане еден од најдобрите стручњаци за удари од белата точка во историјата на Бундес-лигата. Од 41 пенал на Левандовски во Бундес-лигата, 37 завршија во мрежата, што е најдобрата стапка на реализација на пенали (90,2 проценти) во историјата на лигата. Само четворица играчи постигнале повеќе голови од пенал од него, а водечки е Манфред Калц со 53 (од 60 удари). Бројот девет на Баерн, исто така, е успешен изведувач и на слободните удари претходниве години. Неговиот удар е резултат на часови и часови вежбање на тренинзите во потрага по постојано подобрување. „Не е важно што сте освоиле, туку што сѐ уште можете да освоите“, вели тој.
5. Здрав ум, здраво тело. Постои добра доза на мозочна моќ за да се дополни одличната мускулатура. Во 2018 година Левандовски дипломира на Универзитетот во Варшава за спортски тренинг и менаџмент. Насловот на неговата теза беше: „РЛ9: патот до славата“.
– Тоа е приказна за неговата фудбалска кариера, од младо момче што игра на улица до голема ѕвезда во меѓународниот фудбал – изјави неговиот професор и испитувач, Марек Рибински, за новинската агенција АФП.
И за разлика од многу професионални фудбалери, Левандовски не е љубител на видеоигри. Наместо тоа, повеќе сака да чита автобиографии на спортски гиганти. „Мајкл Џордан, Тајгер Вудс, Усеин Болт, сите тие се суперѕвезди што го обликуваа својот спорт. Сакам да видам дали можам да научам нешто од нив“, вели Левандовски.