Претседателот на УЕФА, Чеферин, најави дека есенва можеби ќе се разговора за евентуално задржување на годинашниот систем на натпревари со по еден елиминациски меч. За оваа идеја разговаравме со македонските фудбалски стручњаци Игор Ангеловски, Ѓоре Јовановски и Горазд Михајлов

Завршниот формат, принуден, поради пандемијата на ковид-19, се покажа како добро решение во сегашните услови и ми се допадна. Се играше по еден меч, немаше калкулации и, условно кажано, аутсајдерите на кои им се даваа помали шанси, како Лион или Лајпциг, покажаа дека можат да се надигруваат со најдобрите и најискусните. Дали УЕФА ќе продолжи со тој формат за завршницата или ќе се врати на стариот, кој е, исто така, добар, ќе зависи од многу фактори, никој не може да прогнозира како ќе се развиваат работите во блиска, а камоли во подалечна иднина. Јас сум среќен што почна да се игра фудбал, за понатаму ќе видиме, вели селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски.
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, најави дека есенва можеби ќе се разговора за евентуално задржување на годинашниот формат во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), со по еден елиминациски натпревар.

– Морам да кажам дека овој систем, со по еден натпревар наместо по два, дома и на гости, ми се чини поинтересен. Моравме да направиме ваков систем, моравме да играме на овој начин, но на крајот можеше да се види дека тоа е многу интересен систем. Сега, доста е комплицирано да се стави фајналејт-турнир во календарот. Но видовме дека луѓето сакаат возбудливи натпревари, дека на еден натпревар секој тим може секого да победи. Значи, треба да размислиме за иднината. Мислам дека во септември или во октомври ќе треба да почнеме сериозно да зборуваме за тоа – изјави Чеферин.
Ѓоре Јовановски, поранешен селектор на Македонија, вели дека во почетокот бил скептичен.

– Пред завршните нокаут-натпревари во ЛШ, па и во ЛЕ, бев малку скептичен како ќе се одвива сето тоа, какви натпревари ќе гледаме. Но сѐ излезе над моите очекувања, имаше квалитетни, крајно неизвесни натпревари. Можеби играњето еден меч, без реванш и шанса за поправен, ги принуди тимовите да играат поофанзивно, на победа. Играњето по два меча, дома и на гости во нокаут-фазата повеќе им одговара на клубовите, на УЕФА и на спонзорите, бидејќи тоа значи и поголема заработка. Но останува да видиме што ќе се случува понатаму, дали ќе се менува нешто – вели Јовановски.

Горазд Михајлов, тренер на прволигашот Борец, вели дека во случајов УЕФА направи вистински чекор и подвиг со организацијата на ЛШ и на ЛЕ со завршен турнир.
– Овој формат беше принуден поради ситуацијата со пандемијата, но се покажа многу интересен и неизвесен. Сепак, мислам дека нешто слично нема да се организира во иднина поради првенствата и долгите сезони. За идејата на Чеферин мислам дека е интересна, поради тоа што, условно кажано, помалите екипи ќе имаат шанса да остварат подобар пласман, мислам во завршницата. Сепак, сметам дека големите клубови ќе го имаат главниот збор, бидејќи знаеме дека фудбалот е голем бизнис. Тешко е да се оствари оваа замисла на Чеферин, но не е исклучена – вели Михајлов. Л.Д.;Г.М.