На ЕП 2020 беа постигнати 142 гола на 51 натпревар или, во просек, 2,78 по натпревар, што ова ЕП го прави најефикасно од тоа во 1976 година. СП со поголем просек постигнати голови беше тоа во 1982 година. Имаше незаборавни натпревари и неочекувани sвезди, како Шик, Спинацола… И покрај стравувањата за замор, поголемиот дел мечеви на ЕП 2020 беа со највисок квалитет

Почна со отворањето на Европското првенство (ЕП) 2020 и италијанската прослава во Рим и заврши со италијанската прослава за освоената титула на „Вембли“, една година откако турнирот беше одложен поради здравствената криза предизвикана од ковид-19. Вкупно, ЕП 2020 беше возбудлив турнир за фудбалот на терените и го означи враќањето на гледачите во поголеми размери, првпат по пандемијата на коронавирусот.
Во 12-те месеци од одложувањето на турнирот, фудбалот се играше речиси целосно зад затворени врати, а официјалната бројка е 67.173 гледачи на финалето и уште толку, па и повеќе, без влезници пред и околу стадионот. ЕП 2020 беше експеримент, голем турнир што првпат се одржа низ цела Европа, со 11 града домаќини. Тоа доведе до огромни варијации според бројот на гледачи на натпреварите, од големата мешаница во Лондон и полниот стадион „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта до малата посетеност на некои други стадиони, бидејќи за гледачите беше речиси невозможно да патуваат во одредени земји.
За репрезентациите, проблемите при патувањата беа различни. Додека Англија сите натпревари, освен еден, ги играше на домашен терен, Велс двапати играше во Азербејџан и беше без поддршката на своите приврзаници во поразот од Данска во Амстердам во осминафиналето поради ограничувањата за патувања. Идејата за паневропски турнир беше на поранешниот претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА), Французинот Мишел Платини, и нема да се повтори. Германија ќе биде домаќин на следното ЕП во 2024 година.

– Тоа е интересна идеја, но тешко е да се спроведе и мислам дека нема повторно да го сториме тоа – вели првиот човек на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин.
Незаборавниот месец на фудбалот долго ќе се памети. Беа постигнати 142 гола на 51 натпревар или, во просек, 2,78 по натпревар, што ова ЕП го прави најефикасно од тоа во 1976 година. Светско првенство (СП) со поголем просек постигнати голови беше тоа во Шпанија во 1982 година. Имаше незаборавни натпревари и неочекувани sвезди, како Чехот Патрик Шик и левиот лев бек на Италија, Леонардо Спинацола.
Постои сѐ поголема загриженост во врска со барањата и напорите на кои се изложени врвните играчи, особено по ова ЕП.
– Во последните четири години, играчите низ светот кажуваа дека календарот на натпревари не е добар и не ги земаа предвид нивните потреби. Условите во и околу играта се понапорни, психолошки и физички – се вели во отвореното писмо на Светската унија на играчи (ФИФПРО).
И покрај стравувањата за замор, поголемиот дел натпревари на ЕП 2020 беа со највисок квалитет. Последните четири СП ги освоија европските селекции и прикажаното од минатиот месец укажува дека водечките земји на континентот ќе ги постават стандардите и на СП во Катар во 2022 година.