Добивате само една шанса во кариерата. Чувствував дека Вила оди кон Европа, но не знаев колку време ќе ни треба за тоа. Повеќето мои соиграчи од Англија играат во ЛШ. Досега одиграв четири меча и го сакав секој момент. Сосема е различно од Премиер-лигата, сосема поинаков стандард и начин на игра. Тоа е натпреварување што сите сакаме да го освоиме, вели Грилиш

Во првото поголемо интервју по напуштањето на Астон вила и трансферот во Манчестер сити, за весникот „Телеграф“, Џек Грилиш зборува, меѓу другото, за емоциите по напуштањето на клубот од детството.
– Знаев дека некои луѓе ќе бидат несреќни кога ќе заминам и можам да сфатам зошто, но јас давав сѐ од себе за клубот кога бев таму. На крајот јас сум и понатаму Џек Грилиш што ја сака Вила и тоа никогаш нема да се промени. Имам сезонски билет од мојата четврта година и цел живот сум навивач на Вила. За малку ќе дојдев на натпреварот против Вест хем во октомври, требаше да седам со Кристијан Парслоу, извршниот директор, но не бев сигурен како ќе реагираат гледачите, па не отидов – вели Грилиш.
Летово тој стана најскапиот фудбалер во историјата на британскиот фудбал кога Сити ја активира клаузулата за обесштетување од 100 милиони фунти. Не жали што се пресели во Сити, кој е во трка за одбрана на титулата во Премиер-лигата и блеска во Лигата на шампионите (ЛШ). Но врските со Вила не се раскинуваат лесно и тој уште размислува за денот кога требаше да замине.
– Не можете да замислите колку ми беше тешко кога заминував. Отидов да трчам наутро, многу луѓе ме фотографираа и ме ставаа на социјалните мрежи. Морав да им се обратам на сите играчи и на персоналот, имаше околу 70 луѓе. Зборував околу една и пол минута, а потоа морав да престанам бидејќи имав грутка во грлото. Им должам сѐ и не би бил во Сити без Вила – вели Грилиш.
Пред Сити, за Грилиш беше заинтересиран Тотенхем, уште во 2018 година. Во минатата година беше цел на Манчестер јунајтед.
– Игравме со Јунајтед претсезонски меч и по него им реков на Парслоу и на мојот агент „ако не заминам, ќе потпишам нов договор“. Потоа го потпишав новиот договор со клаузулата. Ако некој тим се согласи да ја плати, тоа е добро за сите бидејќи тоа значи дека сум имал неверојатна сезона и Вила добила 100 милиони фунти – објаснува Грилиш.

Но понудата од Сити едноставно не можеше да се одбие, не само затоа што сакаше шанса да се испроба во европскиот фудбал.
– Добивате само една шанса во кариерата. Чувствував дека Вила оди кон Европа, но не знаев колку време ќе ни треба за тоа. Повеќето мои соиграчи од Англија играат во ЛШ. Досега одиграв четири меча и го сакав секој момент. Сосема е различно од Премиер-лигата, сосема поинаков стандард и начин на игра. Тоа е натпреварување што сите сакаме да го освоиме – вели Грилиш.
Во Вила тој беше во фокусот на сите напади, но во Сити е само еден од многуте важни играчи. Вели дека е задоволен во Манчестер, но и признава оти му било потребно време за аклиматизација во тимот.
– Беше многу потешко отколку што мислев дека ќе биде, адаптацијата на друг менаџер и на други соиграчи. Прво мислев дека ќе ја имам повеќе топката кај мене, ќе имам повеќе асистенции и голови, но тоа не функционираше така. Ја немав ни приближно толку топката кај мене. Не би рекол дека се мачев, но во почетокот ми беше тешко да се навикнам. Ги немаше асистенциите и головите како лани, но никогаш не се сомневав во себе – рече тој.
Дали е вознемирен од тоа што е играч од 100 милиони фунти?
– Не се грижам воопшто за тоа. Има заинтересираност за мене, но, ако ништо друго, убаво е да се биде прв британски играч од 100 милиони фунти – вели тој.
Ако Грилиш некогаш имал проблем со самодоверба, треба да погледне во соблекувалната на Сити, во соиграчите како Ријад Марез, Бернардо Силва или Жоао Кансело за да сфати дека првата сезона под Пеп Гвардиола може да биде тешка. Сите тие „процветаа“ откако ја сменија својата игра под раководство на Гвардиола, чии стандарди остануваат вртоглаво високи.

– Тој буквално ги доби сам некои натпревари сезонава, со работите што нѐ натера да ги правиме на тренинзите, со тактиката или со измените. Тој е неверојатен менаџер и е опседнат со фудбалот. Има многу луѓе што работат со него, но 99 отсто доаѓа од него. За секој натпревар имаме различен начин на игра и тоа многу ни помага. За разлика од Вила каде што имав поголема слобода во играта, овде е поструктурирано и сосема поинакво – вели Грилиш.
За само четири месеци откако замина многу работи се променија во неговиот стар клуб, особено менаџерот.
– Бев непријатно изненаден кога слушнав дека Дин Дин си оди. Веднаш му се јавив и разговаравме дваесетина минути. Бев многу среќен штом разбрав дека ќе го преземе Норич. Тој е едно од најдобрите човечки суштества што сум ги сретнал. Моето и неговото семејство се многу блиски. Кога ја напуштав Вила, им подадов рака на сите, но само него го прегрнав – вели Грилиш.