Фото: ФФМ

Беше огромно задоволство да се води Македонија на Европското првенство. Не треба да бидеме разочарани бидејќи ние бевме тие што го пробија мразот, истакна селекторот Игор Ангеловски на прес-конференцијата по мечот со Холандија.

– После Европското првенство, кога ќе стивнат емоциите ќе можеме да дадеме генерална оценка. Беше огромно задоволство да се води Македонија на ЕП. Да ја почувствуваме убавината на тоа Европско првенство и заедно со навивачите да се претставиме пред Европа. Не треба да бидеме разочарани бидејќи ние бевме тие што го пробија мразот – кажа Ангеловски, кој не сакаше на прес-конференцијата да ги коментира судиските одлуки на денешниот дуел.

Ангеловски потенцираше дека ова е негова последна прес-конференција на селекторската функција, бидејќи на 31 јули му завршува договорот со репрезентацијата.

– Сакам да искажам благодарност до целиот мој стручен штаб, до лекарскиот тим, до фудбалерите предводени од Горан Пандев за сѐ што направија во овие пет и пол години, до вас медиумите, и на крај до моето семејство за безрезервната поддршка. Ова се моменти кои ќе ги паметам во мојот живот и среќен сум што бев дел од ова – истакна македонскиот стратег.

Тој се осврна и простувањето на капитенот Горан Пандев од националниот дрес.

– Простувањето на Пандев значеше за цела Македонија, бидејќи го испративме нашиот фудбалски великан кој нѐ задолжи сите нас во Македонија. Му благодарам за сѐ што направи за фудбалот во Македонија. Се надевам дека идните генерации имаат добар пример како треба да се однесуваат и да работат до оние величини кои ги постигна Горан Пандев – објасни Ангеловски.

Енис Барди порача дека искуството од настапот на континенталниот шампионат им дава сила на македонските фудбалери да продолжат понатаму и оти репрезентацијата, која го менува менталитетот, мора да го повтори овој успех.

– Ова ќе ни биде искуство што треба да не носи и да ни дава сила за да продолжиме и да дојдеме тука пак и да докажеме дека Македонија вреди и дека има големи играчи. Затоа што ова е сонот на сите. Имавме многу емоции затоа што знаеме кој е Горан и колку дава за ова репрезентација. Ќе ни недостига. Тој е најголемиот играч во историјата на македонскиот фудбал. Беше пример за сите нас и за да продолжиме по неговите чекори. Оваа репрезентација го менува менталитетот. Сите не знаат и сега мораме да го повториме овој успех – порача Барди.

Иван Тричковски (34), кој денеска ја затресе мрежата на Холандија, но неговиот погодок беше поништен поради офасајд, смета дека неговите соиграчи треба да бидат горди и задоволни од нивниот настап кога учеството на Европското првенство ќе се земе во целина.

– Ова е посебно искуство за сите нас. За жал го завршивме на овој начин. Но, кога ќе го земеме во целина треба да бидеме горди и задоволни за се. Овие момци го заслужуваат тоа, а помладите се иднината на македонскиот фудбал. Јас сум горд на сите нив што ми овозможија да го доживеам својот сон на овие години. Не заслуживме на ваков начин да го завршиме турнирот имавме свои шанси, но тоа е тоа. Гледаме напред – вели Тричковски.