УЕФА соопшти дека интересот за натпреварите на ЕП 2020 е двојно поголем од истата фаза за ЕП 2016, односно дека примила околу 28,3 милиони барања за 2,5 милиони билети, а за финалето на лондонскиот стадион „Вембли“ има над 714.000 барања за билети, речиси осум пати повеќе од капацитетот на стадионот
Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека примила околу 28,3 милиони барања за 2,5-те милиони билети за Европското првенство (ЕП) годинава, што е двојно повеќе отколку за минатото ЕП во 2016 година во Франција.
Во фазата на продажба на билети за навивачите на селекциите што веќе се квалификуваа за завршниот турнир, беа побарани рекордни 8,9 милиони билети, повеќе од трипати во истата фаза за континенталното првенство во 2016 година. Во првата едномесечна јавна продажба на билети што почна на 12 јуни лани имаше 19,3 милиони апликации за билети, истакнуваат од Европската фудбалска унија.
За финалето, кое треба да се одржи на лондонскиот стадион „Вембли“ на 12 јули, има над 714.000 барања за билети, речиси осум пати повеќе од капацитетот на стадионот. За натпреварот Франција – Германија, пак, што треба да се одигра во Минхен, на 16 јуни, има 710.000 барања за влезници, велат од УЕФА.
ЕП 2020, што ќе трае од 12 јуни до 12 јули, ќе се игра во 12 града и во 12 земји низ Европа, во знак на одбележувањето на 60-годишнината од првото ЕП 1960. Повеќето, над 64 отсто од апликациите за билети доаѓаат од навивачите на земјите-домаќини на натпреварите што значи дека фудбалот како никогаш досега ќе им биде на дофат на локалните љубители на фудбалот, додаваат од УЕФА.
Навивачите на четирите репрезентации (меѓу кои можат да се најдат и македонските), кои во март ги очекуваат плејоф-мечевите за пласман на Европското првенство, во април преку интернет ќе можат да аплицираат за билети.