Mакедонската женска ракометна репрезентација забележа убедлива победа од 34-24 над селекцијата на Литванија заверувајќи го пласманот на Европското првенство кое од 28 ноември до 15 декември оваа година ќе се игра во Австрија, Унгарија и Швајцарија.
Квалификацискиот циклус, Македонија го заврши на второто место во групата со осум бода (четири победи и два порази), веднаш зад лидерот Шпанија, од кого ги претрпе и единствените два порази.
Селекцијата на Литванија парираше само во првите 10-тина минути кога резултатот беше 7-7. Потоа следуваше првата посериозна низа на македонските ракометарки кои направија серија од 6-1 и поведоа со 13-8, за на полувреме да заминат со предност од шест гола (18-12).
Во продолжението од мечот, Македонија продолжи со солидна игра, се до средината на полувремето кога гостинките со серија од 4-0 стигнаа до 27-23 во 47 минута. Малку време им требаше на македонските ракометарки да ги состават своите линии и да недозволат изненадување до крајот на натпреварот.
Андреа Седлоска и Емилијана Ризоска со по шест погодоци беа најефикасни во македонскиот состав.