Фото: МИА

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се на чекор до шампионската титула во домашното првенство, откако „пелистерци“ по голема борба го совладаа актуелниот шампион Вардар со 26-23, правејќи огромен чекор кон трофејот што го чекаат веќе 18 години.

За разлика од лани кога потфрлија во клучниот меч на домашен терен, овојпат битолските „фармацевти“ беа поконцентрирани и поборбени кога беше најважно, па во последните десет минути успеаја да се одлепат и на крајот заслужено да стигнат до победата.

Домаќините тргнаа фуриозно од самиот почеток, и лесно го наоѓаа патот до мрежата на „вардарци“. Недановски беше немоќен, побара тајмаут при 8-5, а откако неговите совети не го разбудија тимот на Вардар беше принуден да побара уште една минута одмор. Еурофарм Пелистер имаше најубедливи 12-8, но Вардар се врати во дуелот благодарение на одличниот Борко Ристовски, кој влезе во игра на местото на Томовски и овозможи камбек, по што на одмор се замина со 13-12.

Вториот дел донесе исто така максимално израмнета игра, барем до завршните десет минути. Вардар на почетокот израмни на 13-13, но „пелистерци“ беа поумешни кога беше најважно. „Црвено-црните“ делуваа без идеја во нападот кога беше најважно, Костески постигна значајни голови од контранапад осигурувајќи ја победата на пет минути до крајот. Вардар до крајот намали на „минус три“, но немаше време за нов камбек.

Хосни и Костески беа најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер со по шест гола, пет постигна Хенеберг, а четири Суси. Кај Вардар најзабележителни беа Талески со шест и Манасков и Георгиевски со по пет погодоци.