Нашиот најголем и најуспешен, млад мото крос талент, Антонио Дамјановски, трикратен македонски државен шампион во 2019/2020/2021 година, заедно со Адора Бизнис Групацијата, во сезоната 2022 се бори за нови национални, балкански и европски победи.


Во духот на 20 годишната општествено одговорна традиција, Адора, потврдениот поддржувач на младите, спортот и спортистите, застана како генерален спонзор зад 15 годишниот битолчанец Дамјановски, во неговата амбиција за постигнување нови успеси на мото крос трките. Целта на Адора е да го поддржи Дамјановски, во подготовките и учеството на мото крос натпреварите кои го очекуваат, на кои тој досега има постигнато 30-тина врвни резултати и добиено највисоки спортски признанија.
Антонио Дамјановски, кој од мали нозе е на тркала, е основец од Битола кој во 2018 година почнува со рекреативно мото крос возење, а од 2019-та година со овој спорт тој се занимава професионално. До 2021 година тој вози мотор до 85 кубици, во класата МХ85, која ја заврши триумфално со победи на три последователни државни шампионати, со што ја освои престижната национална награда „Златна кацига“, а од 2022 година Дамјановски премина во појаката класа МХ2 и вози мотор од 250 кубици.
Заменик претседателот на Адора Бизнис Групацијата, Душко Чифлиганец, инаку иницијатор на оваа соработка, во оваа пригода порача: „Важно е да се поддржат талентираните млади возачи во нивните почетоци, кога е најголем потенцијалот за успешна кариера од пошироки, европски и светски рамки. Јас и самиот сум голем љубител на мото спортот и ја разбирам желбата и поривот на Антонио за успех и победа. Љубовта кон мотоциклите и спортското возење е нешто што не може да се искорени од страсните моторџии и затоа е многу важно тоа да се канализира и практикува на спортските патеки, а не на јавните улици. Уште повеќе, убаво е кога младите луѓе ќе се посветат на спортот на едно вакво сериозно ниво, на тој начин се оттргнуваат од друг вид можни негативни влијанија во тинејџерските и нивните најсензитвни години.“


Младиот Антонио, чија пасија се адреналинските мото крос трки на земјени нерамни стази, во изминатите три години има освоено шест први места во класата МХ85 на македонските шампионати и 20 врвни пласмани на балканските државни и европските првенства. Адора апелира до останатите субјекти од бизнис заедницата и љубителите на мото спортот, да се придружат во подршката на Антонио Дамјановски, заедно, во остварувањето на неговиот сон за освојување нови врвови во европскиот и светскиот мото крос, кој важи за спорт за кој се потребни големи финансиски средства.