Се очекува за три недели да дојде до смена на врвот, Надал да го престигне Ѓоковиќ, но неизвесно е кој ќе биде најдобар на крајот од годината

Во почетокот на ноември ќе се знае дали српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе остане на врвот на АТП-листата, иако некои прогнози велат дека тој ќе биде второпласиран. На 5 ноември минатата година тој четврти пат стана број еден во светот и таа позиција засега ја чува 50 недели во низа. Но се очекува за три недели да дојде до смена на врвот, односно Шпанецот Рафаел Надал осми пат да загосподари на тронот.

По мастерс-турнирот во Шангај моментната разлика помеѓу Ѓоковиќ и Надал се намали од 1.140 на 320 поени (9.545-9.225). Надал по настапот на САД опен лани не играше до крајот на годината, што значи дека тој до декември нема да брани ниту еден бод и не може да биде под наведените 9.225 бода.

Секако, значајно е и кој ќе биде прв на крајот на годината. Сега со шест пласмани како број еден на крајот на една година води Пит Сампрас, а по пет пати водечки биле Ѓоковиќ, Роже Федерер и Џими Конорс. Федерер, пак, води со 310 недели како прв рекет во светот, Сампрас е втор со 286, а Ѓоковиќ засега е трет со 273 недели на врвот на светскиот тенис.

Во прилог на Надал оди и податокот дека Ѓоковиќ нема да настапи следната недела на турнир во Виена или во Базел (каде што според некои калкулации ако победи би освоил нови 500 бода), поради закажаниот меч со Надал за добротворни цели на 24 октомври. Шанса за Ѓоковиќ да се врати на врвот на АТП-листата е и Надал да забележи серија порази, а тој да слави на завршните турнири годинава, во Париз и во Лондон.

Моментално трет на листата е Федерер (6.950), четврти е Русинот Данил Медведев (5.920), а петти Австриецот Доминик Тим (5.085).


НАЈМНОГУ ПАТИ БРОЈ 1 НА КРАЈ НА ГОДИНА
Пит Сампрас 6
Џими Конорс 5
Новак Ѓоковиќ 5
Роже Федерер 5
Џон Мекинро 4
Иван Лендл 4
Рафаел Надал 4


Гауф стана деветта најмлада победничка на ВТА-турнир

Американката, 15-годишната Кори Гауф, триумфира на тенискиот ВТА-турнир во Линц, каде што дојде како т.н. среќна губитничка од квалификациите. Во финалниот дуел таа ја совлада со 6-3, 1-6 и 6-2 Летонката Елена Остапенко и така стана деветтата најмлада победничка на ВТА-турнир во историјата. Гауф до своето прво финале стигна кога наполни точно 15 години и седум месеци. Најмлада победничка е Николета Ваидисова од Чешка, која во 2004 година кога славела на турнирот во Ванкувер имала 15 години и 23 дена. Американката од вчера првпат е меѓу најдобрите 100 на светот, поточно на 71-то место.