Од македонските скијачи најголеми шанси за висок пласман има олимпиецот Ставре Јада
На падините на Бистра во Маврово, во месноста „Мирна долина“ на 13 и 14 февруари ќе се одржи 56-от Мавровски меморијал во скијачко трчање. Покрај македонските претставници, на дводневните натпревари на Меморијалот ќе настапат и скијач(к)и од Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Грција, Турција и од Бугарија, околу четириесетина во машка и триесетина во женска конкуренција.
Мажите ќе трчаат на делницата долга 10 км, а жените на пет километри. Најголеми шанси за триумф им се даваат на Мартин Пенчев од Бугарија и на Еди Дадиќ од Хрватска, а шанси за висок пласман има и македонскиот претставник, олимпиецот Ставре Јада.
– Конкуренцијата ќе биде доста силна, но очекувам добри трки од Јада и негов пласман барем меѓу петтемина најдобри на Меморијалот – изјави селекторот на македонските нордијци, Ѓоко Динески.
Покрај Јада, Македонија на Меморијалот ќе ја претставуваат Никола и Андонаки Костовски во машка, Викторија Јовановска, Викторија Тодоровска, Ана Цветановска и Богданка Илиоска во женска конкуренција. Олимпиецот Јада, по Меморијалот, го очекува настап и на Светското првенство во нордиско скијање (СП) во Зефелд, Австрија (од 20 февруари до 3 март), во спринтот на 1,2 км. Јада потоа ќе учествува и на СП во биатлон, во Остерсунд, Шведска, од 7 до 17 март, информира селекторот.
Мавровскиот меморијал традиционално се одржува од 1962 година во спомен на 38-те градители на мавровскиот електросистем и на 14 храбри граничари, кои ги загубија животите во снежната лавина во 1956 година.