Животни
Новата анализа на гени го потврди откривањето на уникатен генетски вид диви мачки во оддалечените шумски предели на северна Корзика.
Оваа шарена мачка, позната главно на корзиканските овчари и интригантна за научниците, е посебен животински вид карактеристичен за францускиот медитерански остров, објави Француската канцеларија за биолошка разновидност (OFB). Моделите на гените јасно ги разликуваат корзиканските мачки со прстенести опашки од копнените шумски мачки и домашните мачки, се вели во соопштението на ОФБ.
Иако многу личи на домашните мачки, мачката лисица го добила името поради својата должина, 90 сантиметри од главата до опашката, и по изразено прстенестата опашка со црн врв. Другите нејзини карактеристики вклучуваат линии на предните нозе, темни задни нозе и стомак во црвена боја. Нејзината густа свиленкава коса е природен инсектицид против болви, крлежи и вошки.
Мистериозната мачка стана предмет на истражување кога една од нив неочекувано беше фатена во локален кокошарник во 2008 година.
– Мачката е дел од нашата пасторална митологија – изјави за АФП Карлу-Антоне Чекини, корзикански ренџер што работи за ОФБ.
Приказните за шумските мачки што напаѓаат овци и кози кружеле од генерација на генерација. Откривањето на овој уникатен вид е значаен чекор кон обезбедувањето соодветна заштита и зачувување на загрозените видови.