Фото: Пиксабеј

Кога зборуваме за здравјето на нашите миленици, пробиотиците играат исклучително важна улога и заслужуваат посебно внимание, особено во зима и во стресни ситуации. Пробиотиците се живи микроорганизми, таканаречени добри бактерии, кои кога се користат во соодветни количества имаат исклучително позитивно влијание врз здравјето. Пробиотиците помагаат во одржувањето на рамнотежата на цревната микрофлора и го поддржуваат имунолошкиот систем на домашните миленици.
Што се пробиотиците и зошто се важни?
Пробиотиците се корисни бактерии што природно се наоѓаат во цревата на луѓето и на животните. Нивната главна функција е да одржуваат рамнотежа помеѓу „добрите“ и „лошите“ бактерии, со што го обезбедуваат здравјето на дигестивниот тракт. Пробиотиците не само што се важни за варењето туку имаат далекосежен ефект врз целиот организам. Тие се многу важни и за подобра функција на дигестивниот тракт (дијареја, надуеност и други нарушувања предизвикани од нарушена цревна микрофлора) и за зајакнување на отпорот и имунитетот на целиот организам. Одржувањето здрава цревна микрофлора е од клучно значење за функцијата на имунолошкиот систем, бидејќи дури 70 отсто од имунолошкиот систем се наоѓа во цревата. Кога цревата се здрави, домашните миленици се поотпорни на инфекции, болести и надворешни стресови. Тоа е особено важно во зима, кога поради пониските температури, промените во рутината и пониските нивоа на активност, домашните миленици може да станат поподложни на болести.
Пробиотиците се особено корисни во преодните фази од животот и во стресните ситуации, но и во периодот кога очекуваме и се подготвуваме за стресна ситуација. Неколку специфични ситуации во кои е препорачливо да им се даваат пробиотици на домашните миленици се: промени во храната, земање лекови, особено антибиотици, подготовка за хируршки зафати, промени во околината или годишните времиња, одење на патување и други. Стресот може сериозно да го оштети здравјето на вашето домашно милениче, особено кога станува збор за дигестивниот систем. Кучињата и мачките често реагираат на стресни ситуации како што се промени во рутината, доаѓање нови членови во семејството или промени во околината преку разни дигестивни нарушувања, а пробиотиците помагаат во одржувањето на цревната микрофлора и ги намалуваат негативните ефекти на стресот врз варењето.