Животни

Мачките имаат висока толеранција на топлина, затоа често ќе ги најдете како се излежуваат под сончевите зраци или се сончаат на врел бетон, вели Џенифер Хокинс, извршна директорка на Ветеринарното здружение во Јужна Калифорнија.
Мачките имаат нормална телесна температура од околу 37,5 степени Целзиусови, малку повисока од луѓето, чиј просек е 37 степени. Тој половина степен објаснува зошто температурите што нас ни пречат се сосема добри за мачките.
– Нашите климатизирани куќи можат да бидат премногу ладни за мачките. Мачките сакаат да им биде топло. Тие можат да се прегреат исто како луѓето и кучињата, но тоа не е многу вообичаено – вели Ешли Сафир, ветеринарка од Охајо.
Хокинс вели дека мачките не се потат на ист начин како што се потат луѓето. Тие управуваат со нивната температура на различни начини. За разлика од луѓето, кои имаат лојни жлезди по целото тело, потните жлезди на мачките се ограничени на неколку специфични области без крзното, вклучувајќи ги шепите, усните и брадата. Затоа никогаш нема да почувствувате дека крзното на мачката е влажно од пот, но повремено може да видите неколку отпечатоци од влажни шепи на подот или на масата кај ветеринарот.
– Кога мачката е нервозна, нејзините шепи малку се потат. Инаку, не – мачките не можат да се потат за да се оладат како што можат луѓето – вели Сафир.
Најдобрата стратегија за ладење на мачката е едноставна, тие се одмораат. Кога температурата се зголемува, тие често ќе се рашират на ладен под. Ако се надвор, ќе се обидат да најдат место под сенка. Колку повеќе можат да се шират, толку подобро ќе ја разменат топлината во своето тело за студот на земјата.
– Ќе забележите дека во текот на летото тие ќе имаат тенденција да се протегаат и да ги отворат своите тела и да ги свртат стомаците кон небото. Така ослободуваат топлина. Тие, исто така, ја користат и својата плунка, а таа плунка на некој начин испарува од нив и им помага малку да се оладат – вели Хокинс.