Националниот природонаучен музеј во Вашингтон има најмалку 30.700 човечки коски и делови од тела во складиште.
Колекцијата на човечки останки на музејот „Смитсонијан“ е една од најголемите во светот. Вклучува мумии, черепи и заби од непознат број луѓе. Има и колекција на мозоци, претежно земени од Афроамериканци, Индијанци и други обоени луѓе, пишува „Вашингтон пост“.
Посмртните останки се наследство од ужасната практика на отстранување делови од тела од гробишта, боишта, болници и мртовечници во повеќе од 80 земји.
Поголемиот дел од посмртните останки се чини дека се собрани без согласност на поединците или нивните семејства, а истражувачите користеле луѓе во болниците што биле сиромашни или немале блиски роднини за да ги идентификуваат или закопаат. Покрај тоа, колекционери, антрополози и научници ископувале гробници и ограбувале гробови.
Во 1903 година, Алеш Хрдличка, антрополог и куратор на Националниот музеј на САД, кој му претходеше на националниот природонаучен музеј „Смитсонијан“, го започна она што тој го нарече „збирка на расни мозоци“. Хрдличка веруваше дека белците се супериорни и собираше делови од тела за да ги разоткрие теориите за анатомските разлики меѓу расите.
Тој се сметаше за експерт за раси, еволуција и човечка варијација и веруваше дека собирањето делови од тела ќе помогне да се открие потеклото на луѓето во Америка.
Весниците често пишуваа за него, а неговите верувања влијаеја на политиката на американската влада за расата. Хрдличка барал тела во болници, мртовечници и на медицински факултети. На крајот, тој набавил 74 мозоци во областа Вашингтон, од кои 50 биле обележани на која раса припаѓаат, а 35 од тие мозоци биле земени од Афроамериканци.
Од повеќе од 30.700 човечки останки што музејот сè уште ги чува во складиште, повеќе од 19.000 или околу 62 отсто се собрани додека Хрдличка беше шеф на Одделот за физичка антропологија, наведува „Вашингтон пост“ во анализата.
По истражувањето на весникот, Природонаучниот музеј ангажирал двајца истражувачи да ги испитаат управувањето и враќањето делови од тела и други предмети.
Во април, секретарот на „Смитсонијан“, Лони Г. Банч, даде изјава во која се извинува за собирањето многу тела и делови од тела од страна на институцијата во минатото. Тој најави и создавање работна група што ќе утврди што да прави со посмртните останки. Банч во интервјуто рекол дека целта му е да врати што повеќе делови од тела.