Здрава храна

Консумирањето суров мед може да ја подобри контролата на шеќерот во крвта и да го намали нивото на холестерол кога се зема во контекст на здравата исхрана.
– Овие резултати се изненадувачки бидејќи медот се состои од околу 80 отсто шеќер. Не велиме дека треба да јадете мед ако моментално избегнувате шеќер, ова е повеќе за замена. Ако користите шеќер, сируп или друг засладувач, заменувањето на тие шеќери со мед може да ги намали кардиометаболните ризици – вели Таусеф Кан, постар истражувач од Медицинскиот факултет во Торонто.
Истражувачите од Торонто спроведоа систематски преглед и метаанализа на 18 клинички испитувања во кои беа вклучени повеќе од 1.000 учесници за да ги утврдат ефектите на медот врз срцето и метаболичките фактори на ризик.
– Во нашата студија ги комбиниравме резултатите од сите испитувања на медот на луѓе што ги проучуваа метаболичките болести – рече Кан.
Консумирањето мед е поврзано со пониски нивоа на гликоза во крвта, вкупен холестерол и триглицериди. Кан објасни дека големината на намалувањето на гликозата и холестеролот е клинички многу мала.
– Тоа покажува дека нема штета во земање мед и дека малото намалување може да биде корисно и на долг рок – објасни тој за „Фокс“.
Кан истакна дека има разлика во здравствените придобивки помеѓу преработениот и суровиот мед, па затоа објасни дека конвенционалната обработка на медот вклучува процедување и филтрирање, а потоа загревање за краток временски период за да се намалат влагата и квасецот. Ова, вели тој, овозможува полесна манипулација со медот, но всушност го оштетува медот, а многу од неговите биоактивни соединенија ја губат својата ефикасност.