Здрава храна
Една од важните пресвртници во животот е сигурно јубилејниот 40-ти роденден. Покрај многубројните промени, нутриционистите советуваат промена и на начинот на исхрана, бидејќи е вистинско време да се отстранат некои намирници од менито.
Руската нутриционистка Зухра Павлова тврди дека откако ќе наполните 40 години се гледаат последиците од негрижата во младоста. Меѓутоа, тоа не е нешто што здравите навики не можат да го решат и да му помогнат на вашето тело да избегне проблеми со срцето, црниот дроб, зглобовите и вишокот килограми.
– Можете да заборавите на чипс и газирани сокови. Разновидна исхрана е неопходна за одржување на целиот организам во здрава состојба. За да го постигнете тоа мора да јадете грашок, грав, леќа, наут, житарки и млечни производи – објаснува Павлова и додава дека е неопходно нашето мени често да вклучува: морска риба, печурки, грејпфрут, зелен зеленчук, хелда, ореви, брокула, но и куркума и ким.
Исто така, таа истакнува дека е важно да се пие што повеќе вода, бидејќи таа игра голема улога во функционирањето на организмот. Покрај водата, во секојдневната исхрана се пожелни и билните чаеви.
Намалувањето на внесувањето шеќер е основа за поздрав живот.
-Шеќерот е една од намирниците со висок гликемиски индекс. Тој го забрзува стареењето на мозокот и е одлично „гориво“ за малигните клетки. Ги оштетува протеините на сврзувачкото ткиво, кои ги стареат кожата, крвните садови и внатрешните органи. Дефинитивно мора да се откажете од соковите и колачите. Исто така, обидете се да ги намалите белиот леб, тестенините, белиот ориз и житарките – вели нутриционистката.
Докторката потсети на штетата што може да ја предизвика брзата храна, бидејќи, како што вели, преработената и пржената храна, особено месото, предизвикува воспаление на црниот дроб, крвните садови и на зглобовите, што резултира со проблеми со кожата, метаболизмот и зголемување на телесната тежина.