Техно
Роботската ајкула, која е изум на компанијата „Ран Марин“, би можела да даде значаен придонес во чистењето на реките. Основач на „Ран Марин“ е Ричард Хардиман, кој ја добил идејата за роботот откако гледал двајца мажи како се борат да соберат отпад со нивниот брод.
– Тие вадеа отпад од водата додека дуваше ветер. Нивниот метод ми се чинеше неефикасен – изјави Хардиман за „Еуроњус“.
Својот робот го нарекол „вејст шарк“, а дизајнот е инспириран од големите вилици на ајкулите, кои голтаат сѐ што им се наоѓа на патот. Роботот може да собере до 21.000 шишиња отпад во еден ден.
– Ова е автономна машина што го собира отпадот од водата на површината. Тој отпад може да биде пластика или нешто друго, дури и биомаса како алги – додаде тој.
Роботот моментално се користи во реката Темза во областа на лондонскиот Канари Варф, кој го посетуваат 120.000 луѓе секој ден за работа или шопинг. Оваа област е управувана од „Канари Варф груп“, група што водела голем број иницијативи за намалување на количеството пластика за еднократна употреба. Меѓутоа, и покрај напорите, чашите за кафе и пакувањата за храна завршуваат во водата. Роботот е идеален за собирање таков отпад, а е и еколошки.
– Го дизајниравме да нема никакво штетно влијание врз околината во која работи. Ќе видите многу чамци како пловат додека екипажот го собира отпадот, но тие чамци користат и гориво, па и тие малку ја загадуваат водата – рече Хардиман.
„Вејст шарк“ го нема тој проблем бидејќи користи електричен погон, а исто така е доволно тивок за да не ги вознемирува животните.
– Патките и лебедите бегаат од него и тој не е доволно брз за да фати риба, па тоа е одлично решение – заклучува Хардиман.