Во нормални услови, најдобрите четири екипи во Премиер-лигата имаат пласман во ЛШ. Завршувањето на четвртото место и неквалификувањето во натпреварувањето за следната сезона зависи од настапите на Манчестер јунајтед и на Челси на домашната и на европската сцена, пишува „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Манчестер јунајтед, Тотенхем, Њукасл, Ливерпул, Брајтон и Брентфорд се во конкуренција за пласман меѓу првите четири тима во англиската фудбалска Премиер-лига, но кој ќе се пласира во Лигата на шампионите за следната сезона зависи од тоа како Манчестер јунајтед и Челси ќе се претстават на домашната и на европската сцена, пишува „Скај спорт“.
Трката за пласман меѓу првите четири екипи во Премиер-лигата се вжештува. Само осум бода ги делат Манчестер јунајтед на третото и Брентфорд на осмото место. Пласман на четвртата позиција може да изгледа како место за пласман во Лигата на шампионите, но сезонава тоа четврто место не е гаранција.
Манчестер јунајтед моментално е на третото место во Премиер-лигата. Тимот на Ерик тен Хег има еден бод повеќе од четвртопласираниот Тотенхем, но одигра два натпревара помалку. Тотенхем има два бода повеќе од петтопласираниот Њукасл, но одигра два меча повеќе, а Ливерпул е шести со пет бода помалку, израмнет со Брајтон и со Брентфорд.
Во нормални услови, најдобрите четири екипи во Премиер-лигата имаат пласман во групната фаза на Лигата на шампионите. Така како што е сега, тоа би биле Арсенал, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем. Сепак, има и други комбинации. Завршувањето на четвртото место и неквалификувањето во натпреварувањето следната сезона зависи од настапите на Манчестер јунајтед и на Челси на домашната и на европската сцена. Ако Челси, кој моментно е 10-ти во Премиер-лигата, ја освои Лигата на шампионите, ќе оди директно во групната фаза на тоа натпреварување во следната сезона и покрај тоа што не зазема едно од традиционалните места за пласман низ Премиер-лигата, пишува „Скај спорт“. Слично на тоа, ако Манчестер јунајтед ја освои Лига Европа, тој клуб автоматски ќе се квалификува за групната фаза на Лигата на шампионите за следната сезона, дури и ако испадне од најдобрите четири тима во Премиер-лигата сезонава.
Правилата на Европската фудбалска унија (УЕФА) велат дека може да има најмногу пет тима од една земја во Лигата на шампионите, што значи дека ако се случи горенаведеното сценарио, четвртото место во Премиер-лигата нема да носи пласман во Лигата на шампионите, туку во групната фаза на Лига Европа, пишува „Скај спорт“.
Челси ќе игра со Реал Мадрид во четврт-финалето на Лигата на шампионите, а Манчестер јунајтед ќе се сретне со Севилја во четврт-финалето на Лига Европа. Н.М.