Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако повеќето пораки што ги добива земјава се дека справувањето со корупцијата треба да биде наша домашна работа, сиве овие години се покажа дека едноставно нема воспоставен механизам преку кој би се реализирала и ефектуирала таквата борба. Поаѓајќи од ваквата безизлезна состојба, неопходен е решителен импулс на САД како наш стратегиски партнер, кој претходно веќе испрати тим на истражители што ја скенираа овдешната состојба со корупцијата, а добар дел од нивните сондажи кореспондира со констатациите во извештајот на Стејт департментот

Извештајот на американскиот Стејт департмент го потврди она што го знаат сите

Корупцијата е длабоко навлезена во највисоките политички сфери, а инертното и политизирано судство нема никаква намера сериозно да се зафати со пресметка со оваа негативна општествена појава.
Сето ова е најдобро илустрирано во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент, во кој во делот на борбата со корупцијата јасно е истакнато дека и понатаму постојат веродостојни извештаи за владина корупција.
– Владата останува најголемиот работодавец во земјата, а невладините организации изјавија дека доминантната улога на Владата во економијата создава можности за корупција. Јавните анкети постојано ја наведуваа корупцијата како една од главните грижи за граѓаните – се наведува во извештајот на Стејт департментот.
Во него уште се додава дека Владата не секогаш ги почитувала судската независност и непристрасност.
– Судиите намерно ги одложуваат судењата или апелациското разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание – констатира извештајот на Стејт департментот на САД.
На сите овие забелешки одговорот на власта е дека треба да се пријавуваат сите случаи на корупција до институциите, а тие да постапуваат.
Имајќи предвид дека долгогодишна практика на Јавното обвинителство е (работејќи по линијата на помал отпор, а не по законската) тоа никогаш да не постапува против функционери од власта, на сите им е јасно дека борбата против високата корупција во Македонија е јалова работа и однапред осудена на неуспех, од едноставна причина што нема кој да ја води вистински.

Од стратегискиот партнер е потребна и стратегиска помош

Иако повеќето пораки што ги добива земјава се дека справувањето со корупцијата треба да биде наша домашна работа, сиве овие години се покажа дека едноставно нема воспоставен механизам преку кој би се реализирала таквата борба. Поаѓајќи од ваквата безизлезна состојба, неопходен е решителен импулс, поттик (ноу-хау ангажман) на САД како наш стратегиски партнер, кој претходно веќе испрати тим на истражители што ја скенираа овдешната состојба со корупцијата, а добар дел од нивните сондажи кореспондира со констатациите во извештајот на Стејт департментот.
Секако, за поздравување е и ангажманот на американската амбасадорка во земјава Ангела Агелер, која борбата со корупцијата во Македонија ја стави високо во својата дипломатска агенда. Таа веќе во неколку наврати потврди дека пресметката со ова најголемо општествено зло треба да биде неселективна, а во следниот период се очекува и објавувањето на првите имиња што ќе се најдат на американската „црна листа“.
Колку и да звучи самопотценувачки, сепак неоспорен факт е дека во овие три децении никој во Македонија не покажа сериозна желба да се бори со корупцијата, па вербалните заложби на секоја партија пред да дојде на власт дека ќе се бори со корупцијата се распрснуваат како меур од сапуница во оној момент кога ќе се почувствува слаткиот вкус на власта. Од тој момент брзо почнува да се замижува на наместените тендери, милионските провизии, зделките во четири очи, контроверзните платени проекти што никогаш не се реализираат, како и уште редица други разработени шеми преку кои се крадат народните пари и не се полага никаква одговорност.
Затоа е потребна помош од стратегискиот партнер, кој со својот тим ќе помогне во започнувањето независна борба, на најпрофесионален начин, без мешање политика, а притоа ќе овозможи конечно да се постави функционална рамка за вистинска борба против корупцијата во земјава. Во така поставената рамка ќе мора да се позиционираат домашните институции, кои овој пат ќе треба да постапуваат по словото на законот, а не по директивите од високите политички кругови и бизнис-елитите.

САД, како што ефективно умеат, да помогнат корумпираните политичари да се соочат со правдата

Впрочем, и со самата Декларација за стратегиско партнерство и соработка со САД, Македонија се обврзала на владеење на правото, а Американците како потписници на овој документ се тука да помогнат и да следат како сето тоа функционира во практика.
– Во изминатите триесетина години Македонија докажа дека нема доволен капацитет во институционална смисла за конкретна реализација во справувањето со системската, поточно високата корупција, а сето тоа поради немањето доволен степен на професионализам и одговорност кај носителите на јавни функции – констатира поранешниот долгогодишен судија во Одделението за борба против организираниот криминал и корупција, а сегашен адвокат, м-р Владимир Туфегџиќ.
Според неговото мислење, ангажирањето на американскиот тим за борба со корупцијата е пораз за македонските институции што треба јасно да покаже дека во земјава всушност нема вистинска намера за справување со оваа негативна општествена појава.
Претседателката на „Транспаренси интернешенал“, Слаѓана Тасева, смета дека помошта од САД треба да биде во насока на искористување на алатките со кои корумпираните високи функционери ќе се соочат со лицето на правдата.
– Нашите пријатели од САД треба да ги искористат правните механизми што им стојат на располагање од меѓународното право и нивното национално право, за да поведат постапки против корумпираните поединци овде… Листите што се споменуваат треба да бидат поткрепени со одговорност за постапките – истакнува Тасева.
Познавачите на правната област се категорични во својата констатација дека во Македонија, со вакви институции, ниту имало ниту ќе има вистинска борба со корупцијата. За нив единствен спас е нашиот стратегиски партнер малку повеќе да се инволвира во овие состојби.
– Во Македонија никогаш немало вистинска борба против корупцијата. Секој јавен обвинител ги заштитувал функционерите од власта, а ги гонел кога нема да бидат во власта, што остава впечаток дека станува збор за политички реваншизам. Борбата со корупцијата не треба да биде селективна, туку радикална, да се гони секој што направил некакво корупциско дејство, без оглед на неговата функција – сметаат соговорниците.
Нивниот став е дека САД како наш стратегиски партнер треба многу посериозно да се инволвираат во оваа борба, оти од домашните институции нема никаков ефект.
– Македонските граѓани искрено се израдуваа кога слушнаа како американската амбасадорка најави борба со корупцијата, а уште повеќе кога дојде специјалниот американски тим истражители. Замислете, граѓаните толку насушно сакаат корупцијата и организираниот криминал меѓу функционерите да се искоренат, што се подготвени таа борба да ја водат и нашите стратегиски партнери. Впрочем, тоа не значи дека Македонија го загубила суверенитетот, бидејќи повторно нашите надлежни органи ќе мораат да ги водат постапките што ќе произлезат од евентуалната американска истрага. Разликата е во тоа што таа истрага ќе биде независна и професионална, така што никој нема да може да приговара и да влијае врз неа – заклучуваат нашите соговорници.