Компанијата „Епл“ ги претстави своите новитети на Светска конференција за програмери на „Епл“, а меѓу нив најголемо внимание привлекоа очилата „вижн про“, кои се вистинска комбинација на реалниот и дигиталниот свет, но и најновата иновација од 2014 година, кога беше презентиран „епл воч“.
Долгоочекуваните очила, кои „Епл“ ги одложуваше од година на година за да ги доведе до совршенство, неодамна официјално му беа претставени на светот. „Епл вижн про“ е името на очила на „Епл“, кои, судејќи според она што можеше да се види, моментално е најдобриот уред од ваков вид на пазарот.
Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, рече дека ова е првиот производ на „Епл“ низ кој може да се гледа, но и да не се гледа, опишувајќи ја комбинацијата на реалниот и дигиталниот свет. Токму тоа го носи „вижн про“, можност корисникот да ја гледа реалноста во реалниот свет преку очила што изгледаат како очила за скијање, но и да ужива во апликациите што ги користи.
Кога зборуваме за апликации, главно зборуваме за гледање филмови, 3Д-содржини, фотографии, играње игри на плејстејшн, а комбинацијата на реалноста и дигиталниот свет им дава можност на корисниците да го почувствуваат искуството на Дизниленд во нивната домашна средина или да станат суперхерои на Марвел.
„Епл вижн про“ му овозможува на корисникот да ја избере големината на „екранот“ за гледање содржина, било да се тоа филмови, приватни фотографии и видеоматеријал или играње игри.
„Епл“ работи на овој производ од 2016 година, а тој доаѓа во време кога технологијата АР/ВР е најмногу застапена и комбинацијата на реалноста и дигиталниот свет е полн погодок за „Епл“.