Автор: Д-р Бетим Даут
Кардиоваскуларните болести се водечка причина за морбидитет и морталитет во светот. Според статистичките податоци достапни од Светската Здравствена Организација (СЗО), кардиоваскуларните болести се причина број еден за смрт на глобално ниво, одземајќи околу 17,9 милиони животи секоја година. Повеќе од четири од пет смртни случаи од кардиоваскуларни болести се јавуваат поради срцев удар и мозочен удар, а една третина од овие смртни случаи се јавуваат кај луѓе помлади од 70 години.
Многу фактори на ризик имаат причинско-последична врска со етиологијата на срцевите заболувања. Сепак, јасно е дека дислипидемијата игра централна улога. Терминот дислипидемија се однесува на нездрави нивоа на еден или повеќе видови липиди (масти) во крвта.
Нашата крв содржи три главни типа на липиди:
- липопротеини со висока густина (ХДЛ)
- липопротеини со ниска густина (ЛДЛ)
- триглицериди
ЛДЛ холестеролот се смета за „лош“ тип на холестерол. Тоа е затоа што може да се изгради и да формира купчиња или наслаги во ѕидовите на артеријата. Натрупување на наслаги во артериите на срцето може да предизвика срцев удар. Додека ХДЛ е „добриот“ холестерол бидејќи помага да се отстрани ЛДЛ од вашата крв.
Триглицеридите доаѓаат од калориите од храната што ја јадеме. Триглицеридите се складираат во масните клетки и се ослободуваат како енергија кога на телото му е потребна енергија. Во случаи кога земаме повеќе калории отколку што трошиме, доаѓа до акумулација на триглицериди.
Значи, во случај на дислипидемија, доаѓа до зголемување на нивото на триглицеридите и ЛДЛ или „лошиот холестерол“. Дислипидемијата се однесува и на случаи каде што нивото на ХДЛ е премногу ниско. Значи, сумирајќи го поексплицитно, дислипидемијата значи нарушување на рамнотежата на нивоата на маснотии во крвта.
Високите нивоа на ЛДЛ и триглицериди често го ставаат човекот на поголем ризик за срцев удар и мозочен удар, додека ниските нивоа на ХДЛ се поврзани со повисоки ризици од срцеви заболувања.
Честа форма на дислипидемија е покачувањето до високи нивоа на липопротеини со ниска густина (ЛДЛ), кои претставуваат директен носител на холестерол во ѕидовите на артериите, предизвикувајќи артериосклеротични заболувања, кои потоа стануваат главна причина за напади кои се јавуваат во срцето и мозокот.
Поаѓајќи од овој факт за високиот ризик од зголемени нивоа на ЛДЛ и триглицериди, препознавањето и лекувањето на дислипидемијата е една од главните стратегии за превенција од кардиоваскуларни заболувања.
Дислипидемиите се категоризираат на примарна дислипидемија и секундарна дислипидемија. Примарната дислипидемија има генетско потекло, додека секундарната дислипидемија е резултат на други причини како што се дебелината и дијабетесот.
Управување и третман на дислипидемии
Почетниот третман за дислипидемија вклучува модификации на животниот стил. Овој пристап треба да вклучува диета со акцент на добивање зеленчук, овошје и цели зрна во рамките на соодветните барања за калории. Оваа диета треба да се состои и од консумирање на храна со ниска содржина на масти. Храната која е богата со заситени масти е генерално храна од животинско потекло која вклучува месо, јајца, млечни производи и нивни нуспроизводи. Храната со висока содржина на холестерол вклучува месни нуспроизводи како што се колбаси, шунки и конзерви, од млечните производи, кашкавал, маргарин, мајонез, како и слатки и преработени производи со маснотии. Овие горенаведени продукти треба да ги избегнуваат во секојдневната консумација, лица кои покажуваат знаци на дислипидемија. Меѓу намирниците кои се препорачуваат да се консумираат се рибата, пилешко филе и телешко месо, до две јајца неделно, како и секаков вид свежо овошје и зеленчук. Од сувото овошје се препорачуваат ореви, бадеми и лешници. Од маслата единствено се препорачува да се користи маслиновото масло.
Исто така, возрасните треба да учествуваат во умерена до енергична аеробна физичка активност 3 до 4 пати неделно најмалку 40 минути.
Терапевтски третман на дислипидемии
Достапни се различни агенси за намалување на липидите, вклучувајќи статини, фибрати, инхибитори на апсорпција на холестерол, деривати на никотинска киселина и омега3 масни киселини. .
Прва линија на третман за дислипидемија се статините, кои се најчесто користени лекови за третман на дислипидемија. Статините помагаат во намалувањето на нивото на ЛДЛ преку попречување на производството на холестерол во црниот дроб.
Во моментов, постојат две класи на лекови кои се препорачуваат во комбинација при терапија со статини бидејќи се покажало дека го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести. Еден од нив е езетимиб, кој ја инхибира апсорпцијата на холестеролот. Друга категорија се фибрати, кои се употребуваат во комбинација со нискомасна исхрана и други нефармоколошки третмани, како што се вежбање и намалување на телесна тежина со цел да се намали нивото на мастите (посебно триглицеридите) во крвта.