Паметници на една ера

Последните примери на санација на спомениците од НОБ (Спомен-чешмата со мозаички сцени на Борко Лазески во селото Сливово) покажуваат дека конечно почнува да се води грижа за сопственото минато, со што се признаваат улогата и
значењето на Народноослободителната борба во создавањето на македонската држава, чие опстојување сѐ уште не е завршена битка. Можеби историско-политичкиот контекст во кој настанале овие споменици бил идеолошки обоен, ама факт е дека тие се пример на големи достигнувања во целокупната македонска историја што довеле до создавање на првата македонска држава во историјата

По падот на блоковската поделеност и баластот на идеолошката обоеност, спомениците од ерата на комунизмот почнаа поинаку да се вреднуваат од светската уметничка јавност. За убавината и значењето на спомениците од НОБ во рамките на светската историја на уметноста уште во 1996 година меѓу првите проговори белгискиот фотограф и соработник на Кралската академија во Гент, Јан Кемпенаерс, кој пред неколку години подготви серија трудови на оваа тема, претставени во неколку европски града и во Њујорк. Серијата на трудови насловена „Споменици: крајот на една ера“ настана како резултат на фасцинацијата на Кемпенаерс од апстрактните споменици на НОБ, откривајќи една нетипична отвореност на југословенскиот режим кон апстрактните споменици, кои покажуваат дефинитивно отклонување од соцреализмот. Иако станува збор за монументи што ја слават херојската историја, нивната морфологија и дизајнот се модерни, па дури и футуристички, па поради својата убавина заслужуваат почит.
Спомениците од овој период се најдоа и во исландскиот документарец „Последен и прв човек“, кој го режираше трагично починатиот композитор Јохан Јохансон, а чија премиера се одржа на Берлинале пред две години. Нараторка во филмот е славната актерка Тилда Свинтон. Филмот се темели на истоимениот научнофантастичен роман на Олаф Стапледон од 1930 година, како и на фотографиите на споменици од времето на социјализмот на подрачјето на Балканот што ги направи Кемпенаерс.
И додека светската јавност се одушевува на овој уметнички израз, кај нас повеќето споменици од овој период на нашето минато се во лоша состојба. Сведоци сме на целосна узурпација на градителското наследство, архитектурата и културата.
Таков е примерот со Спомен-костурницата во Куманово. Оштетена релјефна плоча, напукнати ѕидови, откорната мермерна плоча со имињата на загинатите борци, скршени скали и жардиниери…

Се распаѓа и училиштето во Подвис, кое е прогласено за културно наследство, бидејќи токму таму за првпат е одржана настава на македонски јазик. Во Маврово врз Споменикот на антифашистичката борба од 1970-тите години, дело на архитектот Радован Раѓеновиќ и академскиот сликар Глигор Чемерски, осамна графит. Делото е препуштено на забот на времето, а покрај него нема никаква ознака дека е заштитено со закон. Во нашата земја има голем број спомен-обележја, спомен-костурници и меморијални комплекси од овој период, кои се авторски дела на најеминентните уметници, скулптори и архитекти од Македонија и од поранешните југословенски републики, што се оставени без грижа. Обезглавени бисти, графити и чкртаници… Сликата е идентична кај повеќето од спомениците, кои никој не ги одржува, а дополнително постојано сe цел на вандали и крадци, бидејќи нема ни физичко ни видеообезбедување.
За поздрав е заложбата на Министерството за култура за реконструкција на спомениците и спомен-обележјата од Народноослободителната борба, која би требало да биде еден од приоритетите годинава. Засега е завршена реконструкцијата на меморијалниот споменик Спомен-чешма со мозаички сцени во центарот на селото Сливово, Охридско, каде што на 11 ноември 1943 година е формирана Првата македонско-косовска бригада. Спомен-чешмата во Сливово има двојно значење, и историско и уметничко, со оглед на тоа што има две мозаички сцени посветени на Илинден и на НОВ од 1941 година изработени од македонскиот современ сликар, мозаичар и изработувач на витражи Борко Лазески. Проектот го реализираше Заводот и музеј – Охрид. Претходно, Заводот и музеј – Штип го санираше исклучително значајното дело Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата, кој е поставен на источната страна на археолошкиот локалитет Исар. Станува збор за архитектонско-скулптурално дело од архитектот Богдан Богдановски, еден од најпознатите архитекти на 20 век, кој оставил силен печат на уметничкото и архитектонското наследство на некогашна Југославија. Екипите од штипскиот музеј ги отстранија нечистотиите, вегетацијата, многубројните графити на сите делови од комплексот, со што се зачуваа изворните, историските, урбанистичко-архитектонските и естетските вредности на делото и се овозможи негово користење за туристички, културни и други активности.

Конечно се покажува грижа кон сопственото минато, особено кон овој период од тоа минато, со што се признаваат улогата и значењето на Народноослободителната борба, во крајна линија, и во создавањето на македонската држава, чие опстојување сѐ уште не е завршена битка. Можеби историско-политичкиот контекст во кој настанале овие споменици бил идеолошки обоен, ама факт е дека тие се пример на големи достигнувања во целокупната македонска историја што довеле до создавање на првата македонска држава во историјата.