Друштвото на ликовните уметници на Македонија, под покровителство на Министерството за култура, а во соработка со Националната галерија, го отвора 19-то издание на „Зимскиот салон“, вечерва, во 20 часот, во „Чифте-амам“.
– „Зимскиот салон“ е врвна ликовна манифестација и единствена од тој вид во нашата земја. Замислен е и основан во 1991 година, како ликовна посебност со свои правила и критериуми и прифатена во културниот живот со огромен интерeс и голема медиумска поткрепа. Денешната физиономија на „Зимскиот салон“ ги има задржано основните карактеристики: професионалност, строга селекција на учесници, квалитетен каталог и соодветна медиумска покриеност. Почнувајќи од 2003 година, наградата „гранд при“ (престој во ателјето во Париз) ја овозможува Министерството за култура, а од 2006 година ДЛУМ вградува уште еден критериум, а тоа е конкретна тема, со што ги ангажира уметниците на индивидуален творечки чин. Од 2009 година, оваа манифестација прераснува во меѓународна – велат од ДЛУМ.
На годинашниот „Зимски салон“ селекторка е романската професорка од Националниот универзитет за уметности во Букурешт, Анка Боериу, а зададената тема гласи „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“. На изложбата учествуваат уметниците: Коле Манев, Вана Урошевиќ, Кирил Гегоски, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Илина Арсова, Филип Фидановски, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Слободан Живковски, Пандора Апостолоска Саздовска, Златко Бојковски и др.
Од кураторот на изложбата се поканети и пет автори гости од Романија: Марија Петку Чиоибас, Мирела Траистару, Патриција Теодореску, Ралукалариа Деметреску и Река Цсапо Дуп.