Во рамките на годинешните „Прличеви беседи“ во Охрид му беше врачена наградата на лауреатот Трајче Кацаров, поет, раскажувач, есеист, колумнист и драмски автор од Штип. Неговата поема „Цветко“ беше избрана за најдобра на традиционалниот конкурс што се објавува во чест на охридскиот поет и преродбеник Григор Прличев.
Жирито во состав Маја Јакимовска-Тошиќ (претседателка), Мишел Павловски и Славчо Ковилоски (членови), во образложението за својата едногласна одлука најпрво забележува дека поемата „пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвора суштински егзистенцијалистички прашања“.
Самиот автор за своето дело вели дека е спој на нашите традиционални вредности и оние што ни ги нуди Западот преку уметноста, преку музиката, преку технолошкиот прогрес.

За животниот пат и творештвото на Кацаров пред присутните во Центарот за култура свое обраќање имаше драматургот Зоран Пројкоски. Претставувањето на наградената поема „Цветко“, нејзините литературни и уметнички вредности пред присутните ги образложи претседателката на жирито, Маја Јакимоска-Тошиќ, а делови од поемата рецитираа актерите Билјана Билаловиќ и Павел Маслов. Наградениот автор Кацаров се заблагодари за наградата, истакнувајќи дека во своето творештво секогаш се потпира на делата на големите писатели, поети и филозофи, прибележувајќи одредени мисли што понатаму во процесот на творечката имагинација секогаш ја имаат во себе потребата да си биде љубен, зашто, како што рече, „поетот не постои без љубовта“.
Во продолжение беше промовирана монографијата „Прличеви беседи (1952-2022): Хроника на еден културен настан“, од авторите Гордана Змејкоска и Милчо Јованоски. Чествувањето за Прличев во Охрид беше заокружено со панихида на гробот на Прличев, а кај паметникот на охридскиот Хомер беседа одржа Зоран Пејковски од Друштвото на писателите на Македонија. Исто така беа врачени награди за најдобрите литературни творби по конкурсот распишан од ОУ „Григор Прличев“.