Книжевните награди на писателската асоцијација за изминатата 2021 година им се доделуваат на авторите: Ивица Челиковиќ, Санде Стојчевски, Димитар Пандев и Венко Андоновски.
Наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување му се доделува на Ивица Челиковиќ, за романот „Ден за одмазда“, во издание на издавачката куќа „Паблишер“. За оваа награда одлучуваше жирито во состав: Љупчо Силјановски (претседател), Лилјана Пандева (член) и Михајло Свидерски (член). Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга му се доделува на Санде Стојчевски, за стихозбирката „Великата лирска песна: песни за Неа“, во издание на издавачката куќа „Дијалог“. Комисијата работеше во состав: Катица Ќулавкова (претседателка), Гордана Михаилова Бошнакоска (член) и Јулијана Величковска (член). Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра критичко-есеистичка книга во 2021 година му се доделува на Димитар Пандев за делото „Времето на Конески“ („Панили“). Одлуката ја донесе комисијата во состав: Иван Џепароски (претседател), Наташа Аврамовска (член) и Атанас Чупоски (член). Наградата Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади му се доделува на Венко Андоновски за романот за деца „Имаш пчела на носот: роман за њутајмер и олдтајмер тинејџери“ („Паблишер“). Жирито беше во состав: Мирјана Стојановска (претседател), Мито Спасевски (член) и Ресул Шабани (член).
На распишаниот конкурс за книжевната награда „Мост“ за книга напишана на еден од јазиците на националностите оваа година не беа доставени книги во конкуренција.