Владимир Јанковски кандидат за Наградата за литература на ЕУ

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски во издание на издавачката куќа „Антолог“ е македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија за 2022 година. Наградата за литература на Европската Унија е иницијатива со која се истакнуваат најдобрите нови прозаисти од Европа. Оваа година, освен од нашата земја, учествуваат автори и дела од: Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Грузија, Грција, Ирска, Италија, Литванија, Норвешка, Романија, Словачка, Шпанија и од Украина.
Романот „Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман во кој приказните за четири лика што живеат во Скопје се комбинираат со приказните за педесетина лика од различни географски точки. Тематски, книгата се занимава со односот меѓу реалното и виртуелното, прашањето за професионалниот успех и успехот во светот на уметноста, врската меѓу надворешните постигнувања и потрагата по себе, која има еден надворешен, а можеби сосема друг внатрешен облик.
Владимир Јанковски (1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено три романи: „Скриени желби, немирни патувања (2020), „Невидливи љубови“ (2015) и „Вечно сегашно време“ (2010). За „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со литературен превод.