Изданија што го предизвикаа интересот во 2023 година

Новата книга од Зоран Спасов-Ѕоф, „Цепај сине“, е најпродаван наслов во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, во 2023 година. Овој т.н. „толковен заебантски речник“, кој беше промовиран на крајот на октомври, за многу кратко време се искачи на врвот на листата на најпродавани книги во поголемите книжарници. На втората позиција е романот што годинава освои најмногу награди: „Роман на годината“, „13 Ноември“, „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на академик Влада Урошевиќ му ги донесе и наградите автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи и автор на годината од издавачката куќа „Арс ламина“.
Најпродаваната публицистичка книга во историјата е на третото место. „Резерва“ е насловот на мемоарите на принцот Хари, кој за само 24 часа по објавувањето се продаде во 400.000 примероци. Зад неа е бестселерот број 1 на „Њујорк тајмс“, „Што ти се случило: разговори за траумите, за отпорноста и исцелувањето“ од водителката и медиумска магнатка Опра Винфри и реномираниот експерт за трауми и мозок д-р Брус Пери, книга што ќе го промени начинот на кој го гледате вашиот живот.
„Едно лето во Италија“ од Ребека Серл е романот што го обележи летото 2023 година и се најде на петтото место на листата најпродавани изданија, а романот „Станот во Париз“ од Луси Фоли, во кој авторката се осврнува на мрачната страна на Градот на Светлината, каде што богатството и бедата се сместени едно покрај друго. На седмото место е „Нашиот луд мозок“ од неврологот Ден Бурнет, стручна, духовите и забавна книга што им е наменета на сите што понекогаш се прашуваат зошто родениот мозок им го саботира животот или што сега повторно смислил. На осмото место е „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов-Ѕоф, книгата што во 2022 година беше на врвот на листата, а на деветтото е „Подоцна“, последниот роман со македонски превод од кралот на хоророт Стивен Кинг. Топ 10 листата на изданија од белетристика се заокружува со романот „Петминутна терапија“, психолошка книга што за неколку месеци им стана омилен џебен терапевт на читателите, кој лесно и едноставно им помага во процесот да се биде најдобра верзија од себеси.
На топ 10 листата со најбараните книги за деца и млади во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, во 2023 година се двете нови книги од новиот волшебен серијал со палавата братучетка на Исидора Мун, а на врвот на листата е „Мирабела прави палавости“. На второто место е омиленото дуо на децата – „Дина и Додо“ и „Големата зимска боенка“. Романот „Збунети години“ на македонскиот писател Велко Неделковски им е омилена лектира на основците и се наоѓа на третото место, а веднаш по него е и „Пајажината на Шарлот“. На петтата позиција е „Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“. Шестото место го држи уште една лектира „Хотел за кучиња“, што докажува дека нашите ученици сакаат да имаат петка по македонски јазик. Втората книга од новиот волшебен серијал „Мирабела ги крши правилата“ е на седмото место, а веднаш по неа е и омилениот волшебник на сите деца „Хари Потер и каменот на мудроста“. На деветтото место е сликовницата „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова, во која преку стихови и илустрации најмладите ги учат буквите. Листата се заокружува со најновото издание од популарните интерактивни пиши-бриши вежбанки со маркер „Животните од Азија“.