Како што созревам како човек и како што се бројат годините на овој свет, сфаќам дека ми се менува интересот за обработка на бучните градови и улиците исполнети со куќи, а сè повеќе копнеам кон осаменоста на белата куќа среде поле. Се надевам дека на новите слики е повидливо отсуството отколку присуството, вели Костуранов

Ване Костуранов, уметник

Изложбата „Таен премин кон Месечината“ на Ване Костуранов е поставена во галеријата „Метаноја“ и ќе може да се погледне и во текот на јануари.
Куќичките, дрвјата, патеките, сонцето и месечината на Костуранов се уметничка поезија. Во својот препознатлив стил, Ване нѐ носи на уште едно креативно и инспиративно творечко патување.

Каква целина создаваат куќичките овој пат во „Таен премин кон месечината“…
– Оваа серија слики е сублимат од повеќе размисли за осаменоста, заедницата, уметноста и страдањето, како и утехата и спокојот од погледот на планината, припаѓањето и копнежот за простор во природата каде што се смируваат и душата и умот. Во исто време, таа е и еден вид продолжување на приказната од мојата последна изложба, поставена пред една година во МКЦ, со наслов „Анатомија на копнежот“. Во своето излагање на отворањето на изложбата, д-р Коста Милков рече дека „уметничко-концептуалната целина се состои од неколку помали групи слики. Овие групи не создаваат целина како таква, колку што раскажуваат приказна за целината како заедничарење.“
Како што созревам како човек и како што се бројат годините на овој свет, сфаќам дека ми се менува интересот за обработка на бучните градови и улиците исполнети со куќи, а сè повеќе копнеам кон осаменоста на белата куќа среде поле. Се надевам дека на новите слики е повидливо отсуството отколку присуството.
Каков таен премин нудат кон месечината?
– Токму уметноста и творењето како чин се тајните премини кон други непознати светови (и внатрешни и надворешни). Скалата што води кон месечината не се потпира на ништо, нема никаква смисла да биде таму, но токму таа го води човек до еден друг свет, од кој работите можат да се видат малку појасно, откако ќе се оддалечиме од нив. Таа чистина и јасност доаѓаат од искреноста на уметникот и кон себе и кон другите, како и од потребата да ја кажува вистината без да лаже, калкулира и да се додворува. Кога се твори на тој начин, уметноста станува посилна и потрајна од сите општествени услови, сите човечки непријатности и судбини. Уметничките дела се она што останува кога ги раскопуваме урнатините од световите што веќе не постојат.

Што сакавте овој пат да лансирате кон љубопитното око на јавноста?
– Важно е уметникот да ги кажува работите за кои другите луѓе не се свесни, или не се подготвени да признаат дека постојат. Она што е важно, што ме буди од сон и ме измачува е она што ме поврзува со сите други луѓе, зашто ако нешто со сигурност можеме да кажеме, тоа е дека сите страдаме и сите сакаме. Доколку најдеме начин да ги споделиме таа љубов и болка со другите, тогаш и ние љубиме повеќе и страдаме помалку, тоа поврзување е нашето ослободување. Тоа, всушност, е и силата на уметноста, која нè поврзува и нѐ зближува без да си кажеме збор.

Сликите се дополнети со симпатични наслови… Прво зборовите никнуваа или сликите?
– Во мојот свет сликата е секогаш пред зборот, а насловите се само еден обид да се навлезе во комплексноста на уметничкото дело. Секогаш постои ризикот со насловот да ја ограничите повеќеслојноста на делото.
Во вашите очи како изгледаат куќичките, дали тоа се ликови со емоции, особини, карактер…. Или, пак, домови создадени од живејачката во нив?
– Го има тој симболизам во моите слики, веројатно тие се колаж од едното и другото. Куќите ги доживувам како луѓето, комплексни и повеќеслојни, сочинети од тело и дух, со тоа што градбата е телото, а луѓето се душата на куќата. Сликите од оваа изложба се инспирирани од секојдневни ситуации, но не на директен, туку пометафоричен начин. Со тоа сакам да оставам некои неодговорени прашања и простор за покомплексни и повеќеслојни читања на наративот, што во најголема мера зависи од гледачот или од читателот на сликата. За мене како автор најважни се емоциите и чувствата што се предизвикани од сликите, или се пренесени преку нив. Сликите не постојат заради себе.
Повеќе ја сликате вашата реалност или мечта?
– Мојата претходна изложба, насловена „Анатомија на копнежот“, го истражуваше меланхоличниот аспект на посакувањето, копнежот и чувството на загуба. Сегашната, „Таен премин кон месечината“, продолжува да се занимава со различните аспекти на копнежот, мечтаењето, сонувањето и меланхолијата.
Но едното не го исклучува другото, нашето секојдневие во сета своја реалност и обичност е постојано испреплетено со нашата визија за нешто повеќе, нашите сонови не се изолирани од нашата реалност, туку се дел од неа, влијаат на неа и ја обликуваат.

Каде творечки патувате следно…?
– Следно што би сакал да направам е нова авторска сликовница за деца, така што во потрага сум по нови инспирации во светот на илустрациите.